пон. Сеп 16th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Синот на Горан Стефановски сподели многу за неговиот татко: Зборуваше на ист начин со амбасадори и претседатели, јас научив дека со „добар ден“ може да се постигне многу

Игор, син на драматургот Горан Стефановски, се огласи на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, каде раскажа спомени од неговото дество со татка си, а споредли и детали за смртта. Целиот текст ви го пренесуваме во целост:

Пред и после прославата на животот на татко ми Горан Стефановски, што се оддржа во Дебар Маало на 27ми април, добив неколку понуди за интервјуа што за жал не можев да ги прифатам. Но, еве решив дека ако има интерес да кажам нешто за него, тогаш најдобро да го напишам. Некако е најсоодветно.

Сепак, прво би сакал од сè срце да им се заблагодарам на сите што дојдоа на настанот на 27ми, како и оние што помогнаа околу организацијата. Се створи една многу убава енергија тоа попладне, незаборавна за мене а мислам и други, која се надевам ќе се шири од година в година на тоа место и пошироко.

Пред многу години, К15 го поканија тато на ручек на кој имав среќа да присуствувам и јас. Памтам дека во еден момент тој им кажа дека се поголеми, поважни и посакани од што имаа претстава. Им рече, ,,Не можете да знаете зашто не можете самите да се видите, тоа го правиме ние”. Мислам дека слично е и со Горан. Сигурен сум дека не знаеше дека неговата смрт толку длабоко ќе се осети кај толку многу луѓе.

Велат дека децата не ги слушаат родителите, туку ги имитираат. Јас од него научив дека сите, без исклучок, си имаат свои приказни за раскажување, научив дека со едно ‘добар ден’, ‘молам’ и ‘благодарам’ може многу да се постигне, дека секогаш треба да се има време за нештата во животот што нè прават среќни и весели, дека треба да се биде добар према сите што ќе ги запознаеш зашто нема втора шанса за прв впечаток, дека не го добиваш она што го заслужуваш туку она што ќе го договориш, и, можеби пред сè, дека секој треба да си биде горд на својата приказна и да ја изживее до крај.

Кога ни требаа совети, често нè убедуваше со сестра ми дека макотрпната работа е секогаш поважна од вродениот талент. Но, таквиот вид на работа бара и многу дисциплина, а тој ја имаше, за скоро сè, од чување платени сметки до одење пеш од Дебармаало накај дома, но особено кога се работеше за пишување. Затоа над неговата работна маса има едно парче хартија со рачно напишан цитат: “Writing’s easy, just stare at a blank page until your forehead bleeds!” (Пишувањето е лесно, само зјапај во празна страница додека не ти прокрвари челото!). Секој нов проект му висеше над глава и му тежеше, но тој ќе си седнеше да чита и да учи со недели, па потоа ликовите сами прозборуваа — тој само ги запишуваше нивните зборови.

Зборуваше со сите на ист начин, од комшии и таксисти, до амбасадори и претседатели; отворено и искрено, без маска или фасада. Тој навистина сакаше да ги слуша приказните на луѓето, и тие ги споделуваа со него токму поради неговата отвореност и искреност. Потоа, некои од тие приказни, споделени на пример при фрлањето ѓубре на контејнерите пред зграда, знаеше да ги искористи во своите драми.

Ми беше најдобар другар. Секогаш имаше време, за совет, шега, музика, дискусија, без ниту еден пат да се наметне, и секогаш беше подвижен, дури и кога не правеше ништо. Морам да ја споделам со вас последната шега што ми ја направи, три дена пред да почине. Тој лежи во болница, таму сме со мајка ми и сестра ми, претходната вечер ни рекоа дека можеби нема да ја преживее ноќта, а ете го другиот ден се буди. Гладен. Што има за јадење? Чили кон карне. Топ, многу си сакаше, и ете тоа му беше последното јадење.
Го прашувам:
– Имаш ли болка?
– Не се вика така, туку ‘те боли нешто’?
– Ок, те боли нешто?
– ДА.
– Што?
Мислам дека знаете што ми кажа, краток збор, именка, машка, почнува со К… Се разбира сите се утепавме од смеење. Како ништо да не му беше, курнас атанас. Сакашe да ми покаже кој е кој, и што е што, јас сум таткоко а ти синот, немој да си мислиш дека нешто се променило поради тоа што лежам тука. Но, уште поважно, ни даде до знаење дека сè е во ред, дека работите испаднале точно како што требало, и дека буквално не треба да се плашиме за него. Едноставно К го боли!

И ова е најважното што треба да го знаете. Горан почина на убав начин, колку и да звучи чудно тоа. Имаше голема среќа што си отиде без мака, што околу него постојано беа луѓето кои најмногу го сакаа, што со денови му ја пуштавме неговата најсакана музика, а ние имавме среќа што имавме време да се збогуваме како што треба. Сè беше како во холивудски филм, а тој, со последното шегачење, ни кажа на сите да го памтиме со насмевка наместо солзи.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close