Македонија

Николовски: Заеднички со фармерите создаваме мерки за развој на млекопроизводството

Денеска по повод манифестацијата „Ден на фармери рекордери“, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски присуствуваше на доделување на плакети на најуспешните фармери за 2018 година организирано од компанијата „Бимилк“.

Компанијата им додели признанија на најуспешните фармери за нивната професионалност, посветеност во работата и активен придонес во одржувањето успешна соработка со млекарницата. Наградите што беа доделени се во согласност со високите стандарди за квалитет на Бимилк и се доделуваат во повеќе категории: испорака на најголема количество млеко за комерцијални и за семејни фарми, најдобар микробиолошки и хемиски квалитет на млекото, повторно во категоријата комерцијални и семејни фарми, како и специјални признанија за најстариот, најмладиот и најлојалниот фармер на Бимилк.

Министерот Николовски посочи дека МЗШВ посебно внимание посветува на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и поттикнување на млечната индустрија за што од особено значење е генетскиот потенцијал на добитокот.

„ Преку Програма за рурален развој токму на барање на фармерите со промените кои ги направивме во Програмата за Рурален развој значително ја зголемивме финансиската поддршка за мерката за набавка на приплоден добиток и за оваа намена досега се ипланирани 1,5 милиони евра, но може да најавам дека ќе обезбедиме во текот и постапката во следните неколку недели и дополнителни финансиски средства токму заради зголемениот интерес за оваа мерка. Повикот го направивме токму како што беше и барањето со променети услови по барање на фармерите, односно прво да се склучуваат договори, а подоцна да се прави набавката. Оваа мерка е важна за подобрување на генетскиот потенцијал, што крајно ќе влијае и на квалитетот на финалниот производ“, изјави Николовски.

Неодамна, заврши јавниот повик за мерката и до Платежната агенција пристигнаа 73 барања со кои се побаруваат околу 220 милиони денари.

На настанот присуствуваа голем број фармери, а генералниот директор на Млекара АД Битола Ѓорѓи Петрушев , им порача на фармерите дека еден од условите за развој на млечната индустрија се добрите кооперантски односи на што компанијата посветува сериозно внимание.

„Блиската соработка и поддршка на млекопроизводителите, која опфаќа вложувања во современа опрема и технологија за преработка на млеко, едукација, поддршка при набавка на сточна храна, механизација и опрема, па сè до иницирање стимулативни мерки за развој на сточарството, отсекогаш била и ќе биде еден од главните стратешки приоритети за нашата компанија. Затоа, денес, овде сме за да им дадеме почит и признание на најдобрите од најдобрите, оние што остваруваат рекорди во производството на сурово млеко на територијата на цела држава и оние што придонесуваат Бимилк веќе 6 и пол децении да испорачува квалитетни производи што ги задоволуваат потребите, но и ги надминуваат очекувањата на повеќе од еден милион потрошувачи во земјата“, изјави Петрушев.

Николовски потенцираше дека за развој на млекопроизводството од исклучително значење е ефикасната искористеност на средствата од европската ИПАРД 2 програма. Мерките „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ и „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ овозможуваат  кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на фарми за добиток, објекти за добиточна храна, складишта за храна, опрема за земјоделство, инвестиции во преработувачки капацитети, како што е изградба на млекарници. За овие две мерки во Јануари и Февруари стигнаа околу 1250 апликации. Овие две мерки значително ќе придонесат во создавање на рентабилно и конкурентно сточарско производство.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток