Македонија

Нацрт текстот на Законот за лекарска дејност отворен за предлози од стручната фела, невладиниот сектор и граѓаните

Министерството за здравство информира дека за нацрт текстот за Законот за лекарска дејност, кој е поставен на ЕНЕР – Единствен национален електронски регистар на прописи, лекарската фела, невладиниот сектор и граѓаните може да достават свои забелeшки на текстот.

Клучно во законот е што на лекарите им се остава можноста за саморегулација, што значително ќе го подобри квалитетот на услугите на лекарите, како и поголема контрола во рамки на системот на лекарската комора на лекарите и нивната практика. Со овој закон, во суштина се зајакнува степенот на издавање лиценци и ќе биде исклучено секакво влијание однадвор.

Лиценците за вршење лекарска дејност ги издава Лекарската комора, која води регистар и е евидентирана во Централниот регистар како правно лице.

Лекарите за полагање стручен испит спроведуваат пробна работа. На лекарите со завршени петгодишни студии, пробната работа им трае една година, а за завршени шестгодишни студии пробната работа трае шест месеци. Лекарите специјалисти имаат право на дополнителна дејност, согласно прописите за здравствена заштита. Лекарската комора ги одредува цените на лекарските услуги заради заштита од нелојална конкуренција.

Со нацрт законот се утврдуваат сите права и обврски на лекарите, но и работата на Лекарската комора, издвањето и одземањето на лиценцата за работа. Со овој закон се прецизира и утврдува статусот на лекарите и лекарската професија, како и стручниот надзор на работата на лекарот, чување и унапредување на достоинственото и одговорно професионално однесување во работата со почитување на прописите, правилата на струката и кодексот на медицинската етика и деонтологија. Законот ги ограничува лекарите да не се дозволи нивно поврзување со комерцијални активности за лична корист.

Изминатиот период, во неколку наврати се обезбеди значаен износ финансиски средства за зголемување на платите на здравствените работници.

Во 2018 година се зголемени платите за 5%. Во јануари 2019 година, дополнително зголемување на платите – 5% за медицинските сестри, 10% за докторите специјалисти, а во септември 2019 година, 5% зголемување и за останатите здравствени работници. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурствата, ноќен труд и дополнителна работа на медицинскиот кадар. Сето ова, даде слика во која вкупните месечни приходи се зголемени за 40%, а некаде и до 50% кај дел од лекарите.

Заложба на Министерството за здравство е платата на лекарите наредната година да достигне 100 илјади денари. Само на овој начин, ќе го вратиме достоинството на здравствените работници и ќе им овозможиме фер услови за работа.

Министерството за здравство со цел да ги подобри условите за работа на здравствените работници, но и со закон да ги заштити правата и обврските на медицинската фела го иницира донесувањето на овој закон, кој е во согласност со барањата на лекарите.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток