Македонија

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Црна Гора, Марија Петровиќ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на Марија Петровиќ, новоименувана вонредна и ополномоштена амбасадорка на Црна Гора во Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски упати честитки по повод нејзиното именување и изрази интерес и подготвеност за натамошно зајакнување и продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји. Претседателот истакна дека силната и безрезервна поддршка од Црна Гора за реализација на европската и атлантската перспектива на Република Северна Македонија секогаш имала особена важност за нас.

Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази благодарност за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на Собранието на Црна Гора.

„Во оваа пригода, би сакал да нагласам дека Црна Гора е наш докажан пријател, а нашите билатерални односи се карактеризираат со искрен и отворен дијалог, потврден низ соработка на сите полиња од заеднички интерес, како и низ редовни средби на највисоко ниво“, рече претседателот Пендаровски, оценувајќи дека конструктивниот дијалог е резултат на заедничката волја на двете земји да го одржат позитивниот тренд во билатералната соработка, да дадат свој придонес за стабилноста и безбедноста на нашиот регион, но и за заедничката европска иднина.

„Убеден сум дека и во периодот што следи, ќе продолжиме со напорите за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и меѓународен план. Очекувам одличната соработка и взаемната поддршка на регионално ниво, посебно во рамките на Брдо Бриони Процесот, како и на мултилатерален план, да продолжи и да се интензивира“, истакна Претседателот.

Новоименуваната амбасадорка на Црна Гора во Република Северна Македонија, Марија Петровиќ изрази уверување дека нејзиниот мандат ќе биде во функција на одличните билатерални односи и пријателските врски меѓу двете држави.

„Поддршката за Република Северна Македонија да стане дел од НАТО беше и е високо на агендата на црногорската надворешна политика, на тоа не обврзува традиционалната блискост и пријателство на нашите народи, но и евро-атлантското партнерство и вредности на кои тоа се заснова“, рече амбасадорката Петровиќ.

Амбасадорката изрази надеж дека и нашата европска приказна ќе биде исто толку успешна и дека Република Северна Македонија во најбрз рок заслужено ќе ги отвори преговорите.

„Членството во Алијансата за современа Северна Македонија, токму како и за Црна Гора, е стратешки и вредносен избор, цивилизациски исчекор кој ги надминува рамките на дневната политика. Истото важи и за членството во Европската унија“, нагласи црногорската амбасадорка Петровиќ.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Петровиќ и посака многу успех во извршувањето на амбасадорската функција.

 

 

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток