саб. Окт 19th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

ДКСК: Укажувањето до Врховниот суд е да превенира потенцијален судир на интереси кај судии

Во врска со поднесните Иницијативи до Врховниот суд на РСМ од страна на двајца адвокати, за носење на начелен став, односно начелно правно мислење по прашањето за тоа, кој Закон за судовите, како материјален закон, ќе се применува од страна на Судскиот совет на РСМ на веќе започнатите постапки за престанок, разрешување и основи за одговорност на судија,  како и тоа дека против 9 судии од Врховниот суд на РСМ се отворени постапки во Судскиот совет на РСМ за разрешување од функциите,  Државната комисија за спречување на корупцијата, го објави следново:

Државната комисија за спречување на корупцијата смета за потребно да нагласи дека, укажувањето што беше доставено до Врховниот суд на РСМ од 10.07.2019 година, е во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку судиите од Врховниот суд на РСМ, против кои се отворени постапки во Судскиот совет на РСМ за разрешување од функциите, ќе го прикријаат постоењето на приватниот интерес со што ќе постапат спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Имено, одредбите со кои е предвидено и потенцирано дека:

„Службено лице кога учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи зa кои тоа или нему блиско лице има приватен интерес, истото е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето“, не се однесуваат само на конретни предмети по кои постапуваат судиите од Врховниот суд на РСМ, туку и на расправата за носење на општо начелно правно мислење.

Согласно член 8 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси точно е утврдено значењето на изразот „службено лице“ и тоа:

„Под поимот „службено лице“ се подразбираат сите избрани или именувани лица и вработените во јавниот сектор“, што значи и судиите на Врховниот суд на РСМ.

Согласно доставеното укажување, Државната комисија не ја загрозува независноста на судиите од Врховниот суд на РСМ, бидејќи не навлегува во постапувањето  по конкретни предмети согласно процесните закони, затоа што, истото се однесува на конкретна ситуација, за која важат одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Односно, во одредбите точно е пропишано  како треба да се однесува службено лице (пр. судија на Врховен суд на РСМ) во случај на постоење судир на интереси и начинот за изземање кога истите службени лица ќе дознаат за околностите што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси.

Прикривањето на постоење приватен интерес од страна на службените лица претставува повреда на должноста и основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се вели во соопштението од Државната комисија за спречување на корупцијата.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close