Македонија

ЕВН за пожарот во кој изгореа шест стана во Гевгелија

Пожарот во станбената зграда во Гевгелија, во кој вчера целосно изгореа шест стана од поткровјето на последниот шести кат, според извршениот увид од страна на Дирекцијата за спасување и заштита, го предизвикала вклучена греалка во еден од становите. Станот е во сопственост на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, а подстанарот го напуштил откако му била исклучена струјата од ЕВН, велат соседите од оштетената зграда. По оваа информација се огласија од ЕВН:

„Повторното приклучување на корисниците на мрежата на Електродистрибуција е секојдневна активност на екипите од секој Кориснички енерго центар на компанијата. Почитувајќи ги законските одредби и интерните процедури, вработените на Електродистрибуција секој ден вршат по стотици повторни приклучоци на ниво на целата држава. Во конкретниот случај, корисникот кој е исклучен, по наплата на долгот за потрошена електрична енергија и износот за повторен приклучок, е приклучен во мрежата.

Екипите на Електродистрибуција се обврзани со рок да постапат согласно налогот за повторен приклучок, кој се издава непосредно по плаќањето – барањето за повторен приклучок од страна на исклучениот корисник.

Во моментот на приклучување на корисникот, на мерното место не беше констатиран никаков дефект. Вработените кои излегуваат на терен не се во можност да знаат како корисниците ја користат електричната енергија во нивните домови, правилното и разумно користење на електричните апарати во домаќинствата е одговорност на самите корисници“, се вели во соопштението од ЕВН.

На почеток