Македонија

Богојески за „Рекет“: Доколку Јанева сака да има кредибилитет, треба да побара од Русковска да биде првообвинета

Груевизмот е се уште жив како форма на дејствување и функционирање, не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку општо, не само што не е поразен, туку е доминантен на политичката сцена во Македонија. Ова го изјави Петар Богојевски од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ во Централниот дневник на 1ТВ и како што додава, тоа јасно се гледа во пизмата и нервозните реакции на политичките партии.

-Не постои реална политичка конфронтација меѓу Заев и Мицкоски, освен некои конфронтации на лична основа. За мене вистинска конфронтација меѓу власта и опозицијата е која нуди подобри решенија за проблемите во државата. Ако имаме корупциски проблем, треба да најдеме подобро решение за судскиот систем, односно за Обвинителството. Ако имаме проблем во економијата, треба да понудиме како опозиција подобро решение во таа област, вели Богојевски и додава дека конфронтацијата од типот слушнато-недочуено или лична дискредитација на политичките лидери е под нивото на една европска политичка сцена.

Тој вели дека имаме проблем со киднапирана држава од страна на политичките партии, затоа што нема тие што да бараат да одлучуваат за судбината на Катица Јанева, за која треба всушност да решава истражен судија и обвинителката Вилма Русковска.

-Решението за иднината на Јавното обвинителство, односно на обвинителскиот систем на Р. Македонија треба да произлезе од стручни и компетентни лица, нешто што треба да најде поддршка кај сите политички партии, без тие директно или индиректно да вршат притисок на тоа ново решение, односно како ќе биде структуриран обвинителскиот систем во земјава, изјави Богојевски.

Според него, СЈО беше политичко решение, а Катица Јанева, која беше поддржана и од екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, не го изгубила кредибилитетот поради афера во јавноста, туку во моментот кога самата не повикала на истрага и нејзиното име да се стави прво на листата за тој случај.

-Доколку сака Катица Јанева да има трунка кредибилитет за понатаму да ја извршува нејзината професија, треба сама да побара од Русковска да биде првообвинета во случајот „Рекет“. А ако, како обвинета, ја докаже својата невиност, има полн кредибилитет да продолжи понатаму, вели Богојевски.

На почеток