Магазин

Дуото Гелебешеви одржа концерт за четирачно пијано на „Охридско лето“

Перфекција во музичката креација донесе пијано дуото Гелебешеви кои синоќа одржаа концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Катерина Гелебешева-Костадиновска и Глигор Гелебешев на едно пијано, но со четири раце ги доловија суштинските одлики на композициите шти ги изведоа, од технички, уметнички и стилски аспект.

-Не ни е првпат да учествуваме на фестивалот „Охридско лето“. Сме настапувале и претходно,  но не со целовечерен концерт. Синоќа пред фестивалската публика се претставивме со неколку композиции. Започнавме со делото „Сувенири“ од Семјуел Барбер, оригинална композиција за четири раце. Ги свиревме „Шпанската рапсодија“ од Морис Равел, „Шпанија“ од Емануел Шабрие, како и шесте пиеси за четирирачно пијано од Сергеј Рахмањинов.  Две композиции од синоќешниот концерт се наоѓаат на нашето второ ЦД, вели пијанистката Катерина Гелебешева-Костадиновска.

Гелебешеви настапуваат како пијано дуо  од 2001 година, но се дел и од други камерни состави.

-Синоќа приредивме концерт за четири раце на пијано  и програмата беше избрана за едно пијано, но четирирачно. По настапот на „Охридско лето“, не’ очекуваат неколку концерти наесен, претежно во Скопје, а предвидени се и гостувања надвор од државата, вели пијанистот Глигор Гелебешев.

Освен домашните настапи, пијано дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво и тоа во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Двајцата исклучитено добри пијанисти  се дел и  од домашната музичка сцена. Меѓу другото настапувале и на реномираните фестивали како: „Интерфест“ и „Хераклејски вечери“  во Битола, на  „Денови на Македонска Музика“ – Скопје, како и на „Златна лира“ – Скопје.

Во 2012 година,  ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Франсис  Пуланк.

Нивниот репертоар во континуитет се надградува и опфаќа дела од сите музички периоди од класиката, преку романтизмот до современата музика. Во текот на својата повеќегодишна работа, дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија во 2008 и 2018 година кои наидуваат на одличен прием кај стручната музичка јавност.

 

 

 

На почеток