Видео и Фото

ФОТО: Денес е св. Климент Охридски – на Плаошник во Охрид се изнесуваат моштите

Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Денес на Плаошник се вадат дел од моштите на св. Климент, а охриѓани, но и луѓе ширум државата одат да ги видат и да се помолат. Уште вчеравечер, на Плаошник имаше многу посетители.

По барање на бугарскиот цар Борис I оди во Охрид (административно регионот во тогашното царство бил познат како Кутмичевица), каде во 886 година ја формира Охридската книжевна школа или попозната како Прв словенски универзитет, од кој излегле 3.500 ученици.

Св. Климент бил и првиот Епископ Словенски со титула Епископ Велички.

Во чест на светецот, во Македонија и во Бугарија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име.

Најголемата црква во Скопје, Соборниот храм, го носи името на свети Климент, универзитетот во Битола, Софискиот државен универзитет и Националната и универзитетска библиотека на Македонија го носат неговото име.

Најголемиот дел од моштите на св. Климент се чува во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата Рождество на Пресвета Богородица во Скопје, во црквата Св. Климент Охридски во Скопје и во Поречкиот манастир.

Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија, во Бугарија, има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата Св. Кирил и Методиј во Пловдив има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година. Неговиот череп се чува во манастирот Св. Јован Претеча кај Бер (Верија), во Егејска Македонија.

Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата Мал Св. Климент, а потоа во црквата Св. Богородица Перивлепта. Монасите ја однесле главата во манастирот во Бер, во кој св. Климент Охридски станал монах.

Во 1970-тите, една честичка од моштите била однесена и во Рим.

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско-проcветителските, Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и пофални зборови. Во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: св. Ѓорѓи, св. Тома, св. Антониј, потоа слова посветени на Богородица и слова посветени за настаните од животот на Исус Христос.

На почеток