Скопје

Се запали покривот на Детската болница Козле

Се запали покривот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле утрово околу 10 часот, повредени нема, пишува СДК.МК

Од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје велат дека имало зачадување на дел од кровната конструкција на Детската болница во Козле и дека интервенирале со две возила и пет пожарникари.

„Имавме интервенција во Детската болница Козле, каде се запалила дел од кровната конструкција. Има материјална штета, а повредени нема. Беа евакуирани пациентите пред да дојдеме таму. Беше опожарен аспираторот за вентилација во најгорната зона на објектот и моравме да ја отвораме и кровната конструкција. Материјалната штета дополнително ќе се утврдува“, вели Звонко Томески, в.д. командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле Ангелчо Андоновски вели дека не станува збор за пожар, туку дека се стопила дел од инсталацијата во еден од тоалетите на одделот за акутна патологија.

„Дошло до топење на една од жиците од аспираторот за вентилација во еден од тоалетите на одделот, не станува збор за пожар. Се почувствува миризба и зачаденост. На тој оддел имаме седум двокреветни соби и еден апартман, а во моментов имавме осум пациенти хоспитализирани. Веднаш се евакуирани пациентите на другите оддели и веднаш викнавме Пожарна. Целата случка траеше околу 15 минути“, вели д-р Андоновски.

Тој кажа дека друга штета нема, освен материјална, која веднаш ќе ја санираат, а децата кои се евакуирани на другите оддели ќе останат таму додека не се санира штетата.

Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top