Магазин

„Парче душа“ на „Охридско лето“ – совршен остров за одмор на душата

Познатиот македонски актер Љупчо Тодоровски –Упа синоќа создаде совршен остров за одмор на душата преку проектот „Парче душа“ што го изведе во рамки на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“.

Во прекрасниот амбиент во предворјето на црквата „Света Софија“, актерот и носител на проектот Тодоровски-Упа заедно со неговите пријатели и соработници, актерите Гордана Енроска и Симеон Дамевски, Симон Трпчески како и кавалџијата Сашо Митев,  кај публиката поттикнаа чувства, спокојство, мир, и ја оддалечија за миг од секојдневните грижи. Истовремено, тие му оддадоа почит на великанот на македонската книжевност и пред се’ , еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик.

-Јас и моите пријатели му оддадовме почит на великанот наш и темелот наш, Блаже Конески, за којшто јас, упорно, дваесеттина години го говорам односно го рецитирам овој проект како сценски приказ. И не случајно е даден назив „Парче душа“,  јасно е зошто е парче душа. „Охридско лето“  е на висина на задачата, па првпат од нашата македонска независност, официјално или службено е прифатено рецитирањето на еден национален фестивал, вели актерот Тодоровски –Упа.

Тој додава дека великанот Конески е еден од ретките кои допреле до корените на чувствата и му помага на човекот да дојде до многу едноставни, а сепак, големи сознанија.

-Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го  доживуваме како да се однесува за нас лично. Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија,  затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се’, нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш, појаснува актерот Упа.

Според него, единствено преку едноставноста може да се приближи поезијата до луѓето и како што појаснува, токму Блаже Конески е поет на мудроста, на големиот и убав македонски збор, и пред се’, на едноставноста.

-Единствено на овој начин, преку изведбата на актерите, чијашто должност е да ги пренесат состојбите на душата и чувствата што произлегуваат од секоја песна, поезијата може да допре до луѓето  многу поедноставно. Луѓето се откажуваат од поезија, прво, затоа што читаат веројатно погрешна поезија, а погрешна поезија е секоја онаа којашто користи сложености за да допре до душата бидејќи  душата е многу едноставен механизам. Сакам да кажам дека ако читате погрешна поезија, сложена, набабрена, со премногу метафори кои ја оптоваруваат првата функција на поезијата, таа нема да допре до луѓето, вели авторот на проектот „Парче душа“.

Љупчо Тодоровски –Упа  покрај со актерство, се занимава и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија. Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како  и безброј разни други сценски настапи.Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работи во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успева да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.

 

 

На почеток