Македонија

(ВИДЕО) Трипуновски: Поради ниските откупни цени, производителите во Ресен сечат повеќегодишни јаболкници

СДСМ го доведе земјоделството во целосен хаос, а проиводителите на јаболко во Ресен и ресенско се понижени, рече денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

Тој обвини дека откупот на јаболкото се одвива по очајно ниски цени.

„Еден килограм индустриско јаболко се продава по цена од половина до еден денар. Цена од половина денар до денар не само што е потценување на земјоделецот, туку и е мизерно. Цена од половина денар за килограм јаболко ни од далеку не ги задоволува основните потреби ниту за одржување на овоштарниците, а не за живот и егзистенција на земјоделците“, истакна Трипуновски.

Како што рече тој, според пресметките, една јаболкница дава род од отприлика 100 килограми, со што по цена од половина денар за килограм се доаѓа до сума од 50 денари од едно родно дрво.

„Почитувани господа од власта 50 денари не се доволни ни за еден литар нафта, а не пак за одржување на насадот. Мерките на власта не даваат никакви резултат на терен. Земјоделците во очај ги фрлаат својот род. Производителите соочени со очајно ниските цени не гледаат рентабилност поради ниските откупни цени, а во револт сечат повеќегодишни јаболкници“, рече членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот тој подвлече дека илјадници семејства во Ресен и ресенско годинава ќе останат без основни средства за егзистенција, поради лошите политики на владата предводена од СДСМ.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток