Македонија

Православните верници го одбележуваат празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител – денеска е строг пост

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 август. Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител.

Свети Јован Крстител ужива голем култ кај верниците во христијанскиот свет и оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ.

Како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни и народни свечености.

Православните верници за овој ден држат строг пост, не се јаде не само мрсно туку и риба и масло. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.

Последниот старозаветен пророк Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

ован сведочел дека Исус е синот Божји. „Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е“. (Јован, 3/30-31)

Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7.VII/24.VI) денот на неговото погубување наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога Св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан, Собор на св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7.I.) на 24 февруари (с.с.) се празнува Првото и Второто, а на 15 мај (с.с.) и Третото наоѓање главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн. Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и Пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници.

На почеток