чет. Сеп 19th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

ВМРО-ДПМНЕ побара разрешување на Катица Јанева на денешната седница, власта одби да гласа за разрешување на Јанева

Мнозинството на СДСМ со 58 гласа одби разрешувањето на специјалната обвинителка да се најде на дневен ред на денешната седница и со тоа се стави во заштита на нејзиниот криминал, обвини опозицијата. Во СДСМ велат дека не дозволиле Јанева денеска да биде разрешена бидејќи постоел договор со ВМРО-ДПМНЕ оваа одлука да биде донесена на посебна седница. Образложението на опозицијата е дека поминала една недела од заклучокот на Комисијата за избори и именувања каде едногласно беше прифатено барањето на Советот на јавни обвинители да ја разреши Јанева поради непрофесионално, незаконско и неодговорно работење. Од парламентарното мнозинство соопштија дека тие се за разрешување на Јанева и за усвојување на Законот за јавно обвинителство, но треба да се чека исходот од евентуален договор меѓу партиските лидери.

– Ова покажува дека нашите сомневања за координација и синхронизација помеѓу Катица Јанева, Владата на Зоран Заев, обвинителката Вилма Рускоска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески се дел од планот за спас на Катица Јанева и високи функционери од државниот врв. Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ денеска наместо на страната на правдата застана во одбрана на криминалот и рекетот. Дали заштитата на Катица Јанева од страна на СДСМ и Зоран Заев е индиректно заштита на високи функционери на власта кои што учествувале во оваа најголема досега криминална афера со оглед на тоа дека Катица Јанева има информации кои што ќе ја докаже вмешаноста на државниот врв во аферата „Рекет“ – истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак  демантираат дека имало било каков договор со СДСМ. Од партијата побараа Џафери денеска да закаже итна седница на која разрешувањето на Јанева би била единствената точка на дневниот ред.

Дали и кога Џафери ќе закаже седница за разрешување на Јанева останува да видиме?

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close