Македонија

Мицевски: Јанева и СЈО единствено служеа како алатка за политички прогон и селективна правда

Интегрален текст од говорот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски

Почитувани колеги, почитувани медиуми и почитувана македонска јавност,

Очигледно колегата од СДСМ ја згреши темата, затоа што денеска на тема е разрешувањето на специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, а не разрешувањето на специјалниот јавен обвинител Христијан Мицкоски. Меѓутоа најчесто стравот преминува во опсесија и тоа е видливо во сите изјави и говори на пратениците и функционерите од СДСМ.

На почетокот, сакам да известам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата бараа оваа седница да се свика многу порано, повикувавме неколку пати, по што во четвртокот поднесовме и официјално барање за свикување на седница со истава оваа точка на дневен ред.

СДСМ и Парламентарното мнозинство не ја прифатија иницијативата за итна седница за разрешување на Катица Јанева, на барање на пратениците од  ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

СДСМ и Зоран Заев очајно на секој начин пробуваат да ја спасат Катица Јанева.

Изговорот на парламентарното мнозинство за несвикување на итна седница за разрешување на осомничената Катица Јанева е паушален и спротивен на Деловникот на Собранието.

Согласно член 67, став 2 од Деловникот на Собранието, седница може да се свика по барање на најмалку 20 пратеници, а согласно член 68, став 2 во итни случаи седницата се закажува во пократок рок од  десет дена, а дневен ред со материјали може да се предложи на самата седница.

Образложението за несвикување на седницата бидејќи нема материјал не е точно. Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со барањето за свикување на итната седница достави и материјал за истата.  А денес гледаме дека се разгледува токму тој материјал што ние го доставивме во прилог на барањето за свикување на оваа седница.

Меѓутоа веќе на целата јавност и е јасно, СДСМ и Зоран Заев мора да ја заштитат Катица Јанева од разрешување, бидејќи со штитење на Катица Јанева се штитат самите себе.

Најпрвин, согласноста што ја давате ви е спротивна на Законот, односно на член 18 став 1 од Законот за СЈО за каде што јасно е наведено дека „став (1) Јавниот обвинител се разрешува од функција пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител, Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието на Република Македонија.“…

Ставот (2) од истиот член вика дека„Врз основа на доставен извештај од страна на Советот на јавни обвинители, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието на Република Македонија, по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија, Советот по предлог на Собранието на Република Македонија, го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители.

Дополнително и самата согласност ви е контрадикторна, очигледно имате проблем со толкување и познавањето на законите или повторно по не знам кој пат сакате да застанете во одбрана на криминалот и криминалците.

Дописот што го имате доставено ви е насловен како „Известување“ а подолу во истиот велите дека „давате согласност до Собранието да упати предлог до Советот на ЈО да расправа за основаноста на наводите за нестручно и несовесно работење“ на Катица Јанева.

Имено законот во член 18 став 2 бара согласност од партиите, а не „Известување“.

Понатаму во делот од дописот каде што велите дека давате согласност Собранието да упати предлог до Советот на Јавните обвинители да расправа за основата на наводите за нестручно и несовесно работење, е една целосна бесмислица бидејќи веќе советот еднаш расправаше за основаноста и достави Извештај за утврдена фактичка состојба со број 03-133/6 од 29.08.2019 година кој извештај го разгледа Комисијата за прашања на изборите и именувањата и врз основа на тој извештај одлучи ЕДНОГЛАСНО да му предложи на Собранието да ја разреши Катица Јанева од специјален јавен обвинител поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Така гласи и предлогот што го добивме и што ќе го гласаме на оваа седница.

Согласно член 18 став 2 после доставување на Извештајот од Советот на ЈО, Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители, а Советот по таквиот предлог само го разрешува специјалниот јавен обвинител и не се впушта во повторна расправа за основаноста во наводите кои сам ги навел во Извештајот.

Ова сакам да го објаснам за да сме начисто пред јавноста, да знаат само кој во оваа држава работи спротивно на законот и кој се труди цело време да заштити криминалци.

Како останатите 3 најголеми партии по број на пратеници успеаја да достават согласности во согласност со членот 18 од Законот, а само СДСМ и Зоран Заев НЕ.

Уште еднаш потврдувате дека целата оваа постапка околу Катица Јанева е фарса.

Вашата цел со самото тоа што доставената согласност за разрешување на Катица Јанева е различна од барањето на Советот на јавни обвинители и различна од едногласно изгласаната одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, па дури и различна од барањето на согласност испратено од господинот Талат Џафери, укажува дека акцијата за спасување на осомничената Катица Јанева е почната многу одамна.

Хронолошки – ретроспективно во целиот овој случај има многу матни и сомнителни моменти.

Од моментот и датумот на пријавување на случајот до тоа кој навистина го пријавил случајот во јавното обвинителство.

Паузата и моментот кога е почната постапката во јавното обвинителство.

Начинот на водење на постапката, губењето на телефоните па нивно пронаоѓање.

Давањето усна наредба за форматирање на компјутерите и бришење на податоци во СЈО.

Незакажување на итна седница за разрешување на Специјалниот јавен обвинител  на барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Како и согласноста на СДСМ за разрешување на Катица Јанева каде што намерно е изоставен делот за незаконска работа во разрешувањето.

И тука ќе го поставам прашањето до колегите од СДСМ, зарем навистина мислите дека Катица Јанева е во притвор за нестручно и несовесно работење, зарем навистина мислите дека незаконското работење не ја однесе Катица Јанева во притвор? Колеги од СДСМ флоскулите правда, правдина, владеење на правото транспарентноста, право мора да има ги закопавте длабоко во земја. Постапките и штитењето на истрагите од Рекет ве прават соучесници во криминалот и целата оваа криминално обвинителска рекетарска афера. Самото тоа што во секој говор го спомнувате Христијан Мицкоски го покажува стравот од него и ВМРО-ДПМНЕ и од она што следува во наредниот период.

Но тука драги колеги од СДСМ едно нешто заборавивте. Џабе ви е што отпосле го изоставате делот за незаконско работење бидејќи со гласањето на одлуката во Комисијата за прашањата за изборите и именувањата вие признавте дека се работи за незаконито, нестручно и несовесно работење на осомничената специјална обвинителка Катица Јанева.

Јанева мора да биде разрешена денес, а со тоа се потврдуваат и неколку годишните констатации на ВМРО-ДПМНЕ дека Катица Јанева и СЈО единствено служеа како алатка за политички прогон, селективна правда и бранење на криминалите на Зоран Заев и СДСМ.

Дополнително, апелираме до Советот на јавни обвинители да свика итна седница за разрешување на Катица Јанева и да постапи по предлогот на Собранието и истата да ја разреши пред нејзиниот законски истек на мандатот.

На почеток