Некатегоризирани

Оди ли утре Груевски в затвор?

Неизвесно е дали експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, утре ќе започне да ја издржува двегодишната затворска казна изречена за случајот „Тенк“ за набавка на блиндираниот „мерцедес“. Адвокатите на Груевски ја искористија и последната можност за жалба до Кривичниот совет на судот, откако претходно беше одбиена молбата со која бараа да се одложи издржувањето на казната. Тие го искористија законскиот рок од три дена што го имаа да се жалат до Кривичниот совет.

Кривичниот совет сега има рок од три дена да одговори на жалбата на Груевски. Од адвокатскиот тим на Груевски велат дека жалбата била испратена преку пошта и дека се очекува да стигне најдоцна денеска. Од судот не ја исклучуваат можноста веднаш да донесат одлука по жалбата. Доколку се потврди одлуката на судијата за извршување санкции, Груевски ќе мора утре да се јави во затворот во Шутка, како што стои во упатниот акт.

Адвокатите на Груевски повторно бараат извршувањето на казната затвор да се одложи поради неодложни пратенички обврски на Груевски во Собранието каде што утре ќе започне расправата по нацрт-амандманите во Уставната комисија во која тој е член. Истите причини, вклучувајќи го и тоа дека по докторатот подготвува и книга по економски науки, беа наведени и кога адвокатите поднесоа молба до судија за извршување санкции, кој го одби со образложение дека Собранието одлучува со 61 пратеник и дека присуството на Груевски не е неопходно.

За жалбата до Кривичен, Никола Груевски лично се обратил до претседателот на Собранието, Талат Џафери, од кого побарал потврда дека тој е член на собраниската Комисија за уставни прашања. Спикерот Џафери рече дека одговорил на барањето на Груевски.

Паралелно со расправата по нацрт-амандманите, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ќе го разгледува предлогот за одземање на мандатот на пратеничкиот мандат на Груевски. Во случај Комисијата да достави предлог за одземање на мандатот, се води претрес на првата наредна седница на Собранието, а одлуката, според Деловникот, се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Па оттука сè поизвесно е дека Груевски ќе остане пратеник, ако се земе предвид дека владејачкото мнозинство нема 80 пратеници, а осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа за отворањето на Уставот рекоа дека нема да гласаат „за“ одземање на мандатот на нивниот доскорешен сопартиец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

(Не)одземањето на пратеничкиот мандатот не влијае на издржувањето на затворската казна, односно ќе влијае само на тоа дали тој како затвореник и натаму ќе продолжи да добива пратеничка плата. Во насока на издржување на казната и самиот Груевски како да не верува дека може да се направи нешто повеќе. Тој вчера се огласи на Фејсбук со мисла од писателот Иво Андриќ: Јаден е оној што мора некого да понижи за да се воздигне себеси“, стои на фотографијата која Груевски ја објави на својот профил.

Група граѓани и симпатизери на поранешниот премиер преку социјални мрежи за денеска во 19 часот најавија мирен протест за правда за Груевски пред зградата на Основниот суд Скопје 1. На нивната фејсбук-страница пишува дека цела Македонија е сведок на неправдата и политичкиот прогон што се врши врз експремиерот.

„Експресните постапки со скратени рокови имаат за цел единствено ставање во затвор на Никола Груевски“, пишува на страницата, каде што има стотици коментари главно со поддршка за експремиерот.

Обвинетата Гордана Јанкуловска, која исто така во случајот „Тенк“ доби шестгодишна затворска казна, вчера на истекот на рокот испратила жалба до повисокиот Апелациски суд. Сега Апелацискиот суд може да ги комплетира списите од предметот, а Кривичниот суд да го препрати барањето на адвокатите на Груевски за преиспитување на пресудата до Врховниот суд, како крајна инстанција.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток