Македонија

Детектор: Партиите се далеку од договор за промена на изборниот модел

Партиите се далеку од договор за промена на изборниот модел. Четирите најголеми политички субјекти во земјава имаат четири различни ставови.
Владејачката СДСМ бара промена на изборниот модел и воведување на една изборна единица с отворени листи.
„Ние во предизборната кампања во 2016 во нашата програма ветивме и стоиме на нашиот предлог нашата земја да биде една изборна единица, дури сме и да се оди чекор понатака и да има отворени листи“ – вели за Детектор потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири.

Но со нив не се согласува ниту нивниот коалиционен партнер ДУИ. Во Мала Речица се на став дека актуелниот изборен модел најдобро ги претставува граѓаните.

„За претставување на етничките заедници во една мултикултурна, мултиетничка држава како што е Република Македонија сметаме дека најдобра солуција, најдобар систем е со шестте изборни единици затоа што обезбедува пропорционално застапување на сите заедници во Собранието на Република Македонија“ – вели пратеникот на ДУИ, Артан Груби во изјава за Детектор.


ВМРО-ДПМНЕ пак предлага сосема различен модел. Според најголемата опозициска партија, граѓаните најдобро ќе бидат претставен со мнозински изборен модел, односно да има онолку изборни единици колку што има пратеници во Собранието, во случајов, 120.

“Нашиот предлог е да ги вратиме пратеници таму од каде што доаѓаат и да одиме со еден систем кој што го имавме на почетокот на деведесеттите години. А тоа е 120 изборни единици по принципот на мнозински систем каков што има Велика Британија, Канада, САД, со плурално гласање. Оној кој што ќе добие во првиот круг најголем број на гласови да стане пратеник“ – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.


Од опозицијата во албанскиот етнички блок пак доаѓа сосема нов предлог, а тоа е формирање на осум изборни единици

„Имаме предлог да изборите се организираат во осум изборни единици, согласно постоечките развојни региони што ги имаме во државата. Сме за отворени листи било кој модел да се избере“ вели Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.

Неодамна, неколку помали политички партии, поддржани од Претседателот Стево Пендаровски како и пред секој изборен циклус ја отворија дебата за промена на изборниот модел. Имајќи ги предвид ставовите на политичките партии, речиси извесно е дека и овој обид ќе заврши исто како и претходните. Без успех.

 

На почеток