пет. Дек 13th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Заев се сретна со еврокомесарката за правда Јоурова

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се сретна со еврокомесарката за правда, потрошувачи и родова еднаквост, Вера Јоурова, придружувана од амбасадорот на ЕУ во земјава, СамуелЖбогар.

На средбата е изразена почит кон постигнувањата на премиерот Заев и на Владата на политички и на реформски план. Констатирано е дека Договорот од Преспа е редок, позитивен пример на градење пријателства, наспроти се уште постоечките политики на радикализам и национализам и дека тоа го вреднува и новиот состав на Европската комисија. Пораката е дека Република Северна Македонија се движи во вистинска насока и дека ќе продолжи активната соработка со ЕК.

На средбата беше посебно посветено внимание на владеењето на правото и правната држава. Оценето е дека нашата држава покажа добри резултати во борбата против корупцијата. Заеднички е заклучено дека е потребна трансформација на правосудниот систем во насока на поголема ефикасност во работата, согласно европските стандарди и вредности.

-Покажавме неселективна борба против криминалот и корупцијата. Донесовме легислатива за судството со консензус и според европските стандарди. Но, потребна е поефикасна имплементација на законите, што ќе се обезбеди низ можностите за конкурентност, што сега не е случај, поради недоволниот број на судии и јавни обвинители, рече премиерот Заев.

На состанокот е потврдено дека е потребно одржливо решение за продукција капацитети во правосудството, постигнато на транспарентен начин и со висок професионализам. Премиерот Заев рече дека реформите, меѓу кои и во правосудството, се значајни не само поради европските интеграции, туку и поради економијата, којашто во нашата држава бележи  раст.

-Економските параметри растат. Продолжуваме со реформите. Продолжуваме со пријателствата. Ни треба охрабрување на проевропските сили во општеството. За Република Северна Македонија е во ред `се што значи отворени перспективи за евроинтеграциите, рече премиерот Заев, посочувајќи дека тоа ќе има позитивен импакт и во регионот и во одлуките на граѓаните, посебно на младите луѓе, да ја гледаат својата иднина во родната земја.

На средбата се разговараше и за работата на новата Европска комисија, од каде што има најави за фокус кон позитивна агенда, кон актуелни прашања како што се климатските промени, дигиталната трансформација, стратегија за проблемот со миграцијата, повеќе кон превентива, отколку кон реактивни политики. Договорена е активна соработка со еврокомесарката Јоурова во делот на владеењето на правото, заштитата на демократијата и изборите, што е нејзина област, посебно што таа во ЕК ќе биде надлежна за портфолиото – европски вредности и транспарентност, што е од голема важност и за граѓаните на Република Северна Македонија.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com