Македонија

(ВИДЕО) Падот и подемот на Никола Груевски

Една по една, се затвараат вратите за Никола Груевски. Останува пратеник, но неизвесно е како ќе ја троши пратеничката плата, ако се знае дека за неговата блиска иднина сега одлучуваат судии и обвинители. Без оглед на тоа, јавноста останува поделена во оценките на неговата улога во партијата и во државата. Едните препознаваат херој, роден да обединува и да го води својот народ, пишува Телма.

Другите едвам чекаат да го видат зад решетки, за да одговара за сите обвиненија што му се ставаат на товар.

Политичката и државничка кариера на Никола Груевски опфаќа дваесетина години. На крајот на минатиот век, на 28 годишна возраст, стана министер за трговија, а една година подоцна, веќе е прв човек во Министерството за финансии. Зад себе ги остава Балканска банка и Брокерската асоцијација, што лично ја основал и претседавал. Груевски важи за реформатор: воведува ДДВ, фискални сметки, кампања „Купувајте македонски производи“, а паралелно се множат афери. За почеток, штетниот договор со ОКТА што ја чинеше македонската држава 70 милиони долари и контроверзите околу Националната платежна картичка, а подоцна и други.

За познавачите, изборот за лидер на Конгресот во Охрид 2003 е сосема очекуван, особено што зад него застана неприкосновениот Љубчо Георгиевски.

Лидерството не го стартуваше најсјајно. Изгуби едни претседателски и едни локални избори. Се опкружи со нови лица, кои, освен партиски, му беа и лично лојални. Од старото партиско ткиво се создадоа нови партии, меѓу кои и ВМРО Народна на Љубчо Георгиевски, што уследи по тешката караница во хотелот Панорама. И покрај тоа, две години подоцна Груевски ги добива наредните парламентарни избори. Потоа, бележи победи на 10 изборни циклуси. Неговата партија владее неприкосновено, од локално преку централно до претседателско ниво.

Уште во тие први години од неговото владеење, пиар тимот настојува да го прикаже како вреден млад човек што работи 24/7 за својата татковина. Човек од народот, живее скромен живот, оди пешки на работа во Владата, чека на семафор зелено светло, се поздравува со познатите, додека силното обезбедување не се гледа.

Воведе рамен данок, ја намали невработеноста од 38 на 23 одсто, постојано инсистираше на странски инвестиции, а во тоа време македонските државјани почнаа да патуваат низ Европа без визи.

Неговите критичари му го демнеа секој чекор. Ги ловеа неговите лапсуси…

Но, ѓаволот ја однесе шегата кога почнаа „да пукаат бомбите на Заев“. Преку телефонските снимки  СДСМ прикажуваше лик на автократ кој наградува и казнува по лично убедување, владее неприкосновено опкружен со роднини, пријатели и послушници, се пазари за провизии, се смее на туѓата немоќ, толерира разни криминали, очекува изборни местенки, приграбува имот за себе и за партијата, а лицемерието воопшто не му е туѓо.

Неизвесно е дали само бомбите го урнаа Груевски. Тој брзо ја изгуби поддршката на меѓународната јавност и го откажа Пржинскиот процес.

Прво мораше да ја напушти премиерската, а потоа и лидерската функција во партијата. Призна дека можеби грешел но и дека си заминува со ножеви во грбот.

Сега е речиси секој ден во Суд. Има правосилна пресуда од две години и повеќегодишна запретена казна. Работи како пратеник, но ретко доаѓа во Парламентот. Деновиве доаѓаше за да прикаже пред Судот дека има пратенички обврски. Пред тоа, забележителна улога имаше при расправата за Законот за јазици.

За малку ќе ги покажеше и другите боксерски способности. Еднаш во младоста, му помогнаа да биде статист во театар. Оттогаш наваму, јавно не му затребале. При функционирањето во Парламентот, Владата и воопшто, во општествениот живот, се бараат други перформанси.

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток