Македонија

(ВИДЕО) Анкета на ЗСМ: 46% од студентите на „Св. Кирил и Методиј“ одговориле дека земаат антибиотици и без консултирање со лекар

Речиси половина од студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје сметаат дека антибиотиците се користат за лекување на вирусни инфекции. Ова го покажува последното анкетно истражување кое Здружението на студенти по медицина – ЗСМ го спроведе во изминатите два месеци.

46% од студентите на анкетниот прашалник одговорија дека земаат антибиотици и без претходно консултирање со лекар, а 38% од нив сметаат дека антибиотиците помагаат при лекување на сезонски грип.

По повод одбележување на Светската недела за рационална употреба на антибиотици (18-24 ноември) Здружението на студенти по медицина – ЗСМ спроведе анкетно истражување во изминатите два месеци со цел добивање на информации околу степенот на познавањата на студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за правилната употреба на антибиотиците и појавата на атибиотската резистенција.

Истражувањето се состоеше од спроведување на анкетен прашалник меѓу студентите, во време на термините за предавања на соодветните факултети. Анкетниот прашалник се состоеше до 8 прашања, со понудени одговори, од кои испитаникот требаше да одбере само 1. Покрај прашањата поврзани со познавањата за правилна употреба на антибиотици, стои и едно поле на кое студентот треба да го внесе факултетот на кој студира.

Ова исражување е пресечна студија. Вкупниот број на испитаници е 1024 со ниво на доверба од 95%, а интервал на доверба од 3. Бројот на факултети единици на УКИМ е 23, а бројот на испитаници по факултет одреден со просто тројно правило, земајќи ги во предвид вкупниот број на студенти на додипломски студии на УКИМ, вкупниот број на студенти на додипломски студии на поединечен факултет како и вкупниот број на испитаници предвидени во студијата.

Со цел разјаснување на овие најчести грешки на студентите, Здружението на студентите по медицина изработи информативно видео во кое одговори на прашањата даваат професори од Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и тоа Институтот за микробиологија и паразитологија, Институтот за преткилинчка и клиничка фармакологија со токсикологија и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

фото: Архива

На почеток