Македонија

Што по „претставата“ од Шверцерите – Груби им честита, Николовски бара оставки, а од министерството се правдаат

Откако Шверцерите си го прославија 30-годишниот јубилеј во Македонскиот народен театар (МНТ), не престануваат негативните коментари и реакции во јавноста поради однесувањетo на навивачката група од Чаир. Додека едни ги фалат и им честитаат други оштро реагираат на недоличното однесување, но и бараат одговорност од тие што дозволиле токму во МНТ ваква прослава.

На настанот беа присутни и фудбалски имиња кои биле дел од клубот од Чаир, но и високи функционери од владејачката ДУИ, меѓу кои поранешниот и сегашниот градоначалник на Чаир Изет Меџити и Висар Ганиу, како и пратеникот Артан Груби, кој своевремено бил дел од навивачката група. Тој на социјлната мрежа фејсбук напиша:

,„Честитки пријатели, драго ми е што преживеавме три децении во толку многу проблеми“.

Спротивно на ова исто на ФБ се огласи и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски. Тој напиша:

„Во институција што е врв на културата во Македонија гледаме врвна некултура и дивјаштво. Колку треба да немате чувство кон институцијата која ја водите да ја издадете на навивачка група! Па уште истата да се вика Шверцери!!! Името на навивачката група сугерира криминал. Што да очекувате од таква навивачка група освен сквернавење на најубавиот театар во Македонија? Тоа е разликата – некој гради, некој уништува!!! За ова е потребна оставка на директорката на МНТ, министерот за култура, како и одговорност од Зоран Заев! Заев е виновен, напиша Николовски.

Од Министерството за култура  пак кон кои е вперен прстот како најодговорни за ова дивјаштво велат дека не знаеле дека навивачите ќе бидат таму.

„Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настани, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“, соопштија од Министерството.

фото: Архива

 

 

На почеток