пет. Јан 17th, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивни промени

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс. 

Животот е полн со борби, неизвесности и изненадувања така што колку и да сме умни и внимателни, лесно може да не снајдат разочарувања и лоши животни ситуации. Тие може да ни создадат големи болки и страдања, но и да нè натераат да го промениме односот кон самите себе и да сфатиме што и е потребно на нашата душа. Осознавањето на сопствените погрешни постапки, елиминирањето на чувството на вина и прифаќањето на неубавите искуства од минатото се само дел од афирмативниот стремеж за иницирање позитивни промени во сопствениот живот.

Не постои човек кој не се разочарал во некого и нешто, и тоа не треба да претставува проблем, зашто токму со осознавање на заблудата за туѓата вредност и посебност, ние ја отвораме портата за елиминација на лажното и за влез на вистинското, чесното и убавото.

Не постои напредок без предизвик, како што не постои ни победник, без противник. Токму искушенијата, тешкотиите, заблудите и разочарувањата го челичат духот на човекот и го подготвуваат за разните неизвесности на животот. Како што имунитетот се зајакнува во борбата со болестите, така и човекот ја преиспитува својата сила во моментите кога преовладуваат тешките удари на судбината. Дури и кога доживуваме пораз и разочарување, не треба да заборавиме на поуката. Научената лекција е скапоцена вредност од која зависи како во иднина ќе се однесуваме и кон какви животни патеки ќе се насочиме. Само оној што паднал може на другите да им даде вистински пример како да станат. Народната мудрост тоа го објасни со зборовите: „Не прашувај гаталец, туку паталец“.

ОПТИМИЗМОТ И СЕБЕОСОЗНАВАЊЕТО ЌЕ НИ ПОМОГНАТ ДА БИДЕМЕ ДОСЛЕДНИ, ИЗДРЖЛИВИ И ДА ПРОДОЛЖИМЕ СО СТРЕМЕЖОТ ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ МИР И ХАРМОНИЈА ВО ЖИВОТОТ. ТОА Е СТАВ КОЈ НИ ОВОЗМОЖУВА ДА СЕ ФОКУСИРАМЕ НА ПОЗИТИВНОТО, НАМЕСТО НА ИТНОТО, БЕЗ ДА СЕ ПРЕПУШТИМЕ НА СТРАВОТ И НЕГАТИВНИТЕ ЕМОЦИИ. ПОНЕКОГАШ СТРАВОТ ОД СТРАДАЊЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОЛОШ ОД САМОТО СТРАДАЊЕ. ИСЧЕКУВАЊЕТО ДЕКА МОЖЕ ДА НЕ СНАЈДЕ УШТЕ ПОГОЛЕМО РАЗОЧАРУВАЊЕ ГО ПАРАЛИЗИРА НАШИОТ ДУХ И НИ СОЗДАВА КОНСТАНТЕН НЕМИР И ПОТИШТЕНОСТ.

Порано или подоцна, секој од нас ќе доживее разочарувања и ќе се соочи со тешки животни ситуации, а начинот на кој им пристапува на проблемите зависи од зрелоста на личноста, силината на духот и разликата во карактерот. Вежбањето на умот, телото и емоционалната состојба се основни за соочување со животните проблеми. Подготвеноста да се биде храбар, енергичен и решителен во борбата со ограничувањата е темелот врз кој се гради силата на личноста и се трасира патот за излез од проблемите. Малодушноста, наметнувањето на чувство на вина, пасивноста и стравот од перспективите на иднината нужно го забавуваат нашето напредување и создаваат тензии, страв и несигурност. Решението е никогаш да не се откажуваме и да престанеме да се самообвинуваме, туку да ја практикуваме поуката од јапонската поговорка: „Ако паднеш седум пати, тогаш стани осум пати“.

Никогаш не треба да дозволиме денешните разочарувања да фрлат сенка врз утрешните соништа. Волјата, надежта и храброста се клучни за трасирање на патот што води кон љубовта, мирот и хармонијата. Секогаш треба да ги имаме на ум зборовите на американскиот филозоф Р.В. Емерсон дека „она што лежи зад нас, и она што лежи пред нас е ништо во споредба со она што лежи во нас“.

АКО НАШИОТ ДУХ Е НАПРАВЕН ОД ЉУБОВ И КРЕИРАН ОД ПОЗИТИВНАТА ЕНЕРГИЈА, ТОГАШ КОЛКУ И ДА Е ТЕШКО И НЕИЗВЕСНО ЌЕ СЕ ОТВОРИ МОЖНОСТ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ. ИАКО ГРЕШКИТЕ ВО ЖИВОТОТ СКАПО СЕ ПЛАЌААТ, СЕПАК ВРЕМЕТО ЛЕЧИ СЕ. КОЛКУ И ДА Е ПОВРЕДЕНА ДУШАТА, КОЛКУ И ДА Е ГОЛЕМА БОЛКАТА, ДУШАТА МОЖЕ ДА БИДЕ ИСЦЕЛЕНА, А БОЛКАТА НАДМИНАТА. ЗА ДА ГО ПОСТИГНЕМЕ ТОА, НЕ НИ СЕ ПОТРЕБНИ КУПИШТА ПАРИ, МОЌ И СЛАВА, ТУКУ ЉУБОВ ВО СРЦЕТО И ПОДДРШКА ОД БЛИСКИТЕ, БИДЕЈЌИ САМО „РАКАТА НА САКАНИОТ МОЖЕ ДА ГО ИЗВАДИ ТРНОТ ОД ДУШАТА“.

Каде што е влезот, таму е и излезот. Ако проблемот произлегува од разочарувањето во љубовта, излезот е во вистинското споделување на љубовта. Впечатокот дека сите се исти и оти повеќе не треба да љубам, бидејќи повторно може да се разочарам во другиот е поразително за напредокот на личноста и мирот во душата. Само љубовта може да ја роди љубовта. Тоа не подразбира своите чувства да ги насочуваме кон личности кои не умеат да ги препознаат и возвратат нашите емоции, туку кон оние кои умеат да го восприемат посебното во нас и со кои се чувствуваме расположено, убаво и опуштено. Стравот е најголемиот непријател на љубовта, кога ќе дозволиме тој да се всели во нашето битие, тогаш почнуваме да се плашиме и од сопствените емоции и сé да преиспитуваме.

Да се пронајде вистинската личност со која ќе споделиме верност, чесност и искреност, воопшто не е лесна работа, но тоа не значи дека таа/тој не постои, туку дека се си бара свое време, место и енергија. Кога суштински ќе бидеме исчистени од неубавите животни искуства и ослободени од внатрешниот немир и разочараност, судбината ќе ни го донесе тоа што го заслужуваме. Дотогаш треба да ги имаме на ум препораките на Рејнхолд Нибур: „Господе, дај ни ја способноста да ги прифаќаме смирено нештата што не можеме да ги промениме и храброст, да ги промениме нештата што треба да ги промениме, како и мудрост за разликување на едните од другите“.

Проблемот е што мнозинството од луѓето стравуваат од какви било промени – било да е во прашање влегување во брак или развод, раѓање дете, селидба, промена на работата, емоционално вложување или раскин на врската. Сите овие категории создаваат внатрешен немир и несигурност затоа што се нешто ново и поразлично. Никој од нас не знае што точно ќе се случи. Тоа е страв од непознатото. Ропството на духот не произлегува од надворешните влијанија, туку од сопствениот страв и од чувството на несигурност. Своите кафези ги правиме сами. Опстојувањето во познатото кое нè нуди никаков напредок, мир и хармонија е сигурен показател дека незадоволството и разочарувањето уште долго време ќе бидат дел од нашето живеење.

Во напнатите животни ситуации, клучот на зголемување на самодовербата и слободата пред сé е во воочување на кафезот. Како што напишал Ричард Карлсон: „Страдањето понекогаш може да биде скоро неподносливо пред да се роди желбата за слобода. Но, останување во кафезот гарантира продолжување на страдањето. Ризикот е стопроцентен“. Останувањето во самонаметнатиот кафез, значи молчење, одржување привидна сигурност и зголемување на разочарувањето. Сè што е потребно за да се дојде до слобода е непознатото да се препознае како помалку ризично од познатото – и секако, да се направи првиот чекор. Понекогаш чекорењето кон непознатото може да биде најдобро решение.

Во тој правец одат и зборовите на Морис Шевалие: „Ако човек чека совршен момент кога сè ќе тече сигурно и според планот, лесно може да се случи тој момент никогаш и да не дојде. Нема да стигнете до врвот, нема да победите во натпреварот, нема да бидете навистина среќни“.

Едно нешто сите ние треба да знаеме дека „сè си има своја причина и сè со себе носи своја последица“. Кога не би постоеле болките, страдањата и разочарувањата немаше духовно да напредуваме и да ја сфатиме убавината на мирот, хармонијата и љубовта. Само човекот кој ги вкусил најсилните падови, може вистински да ужива во најголемите височини и радости на животот.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com