Актуелно

Голем интерес за изградба на пречистителната станица во Битола

Повеќе од 45 заинтересирани економски оператори, од земјата и странство, за постапката за „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола“, денес имаа можност на терен да извршат увид на локацијата каде што треба да се изгради пречистителната станица и колекторскиот систем.

Со рехабилитацијата и доизградбата на канализационата мрежа и заокружувањето на процесот со прочистувањето на урбаните отпадни води, со изградбата на Пречистителната станица, се решаваат долгогодишните проблеми предизвикани од директното испуштање на водите во реката Драгор и Петтиот канал. Завршувањето на изградбата на планираните објекти кои се дел овој проект ќе придонесе за решавање и на голем број од проблемите кои беа честа појава и при мали врнежи, а како последица на загушувањето на канализацијата.

Крајниот рок за доставување на понуди за оваа постапка која на 11 ти ноември, ја објави Министерството за финансии, преку единицата за централно финансирање и склучување на договори, е 10.02.2020.

Вкупната вредност на овој проект кој е финансиран од ИПА 2 Програмата, преку Секторот за заштита на животната средина и климатски промени и Владата на Република Северна Македонија изнесува 27,8 милиони евра.

фото: општина Битола

На почеток