чет. Апр 2nd, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

(ФОТО) Ногачески: Дебрца е природно предодрена за развој на руралниот туризам

Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески, често знае да каже „Волино е мојот живот, се’ што ми се случило, ми се случило таму“. Токму поради ова повеќе од очигледно е дека целиот свој потенцијал го насочува токму Волино, поточно општина Дебрца да ја направи пријатно место за живеење на жителите од овој регион. Како ја затекна општината, кои се плановите за овој регион, за големата победа на жителите да не се гради Регионална депонија, но и затоа како се снаоѓа в кујна, каде сака да патува, за љубовта кон фудбалот. Ова се само дел од темите на кои искрено одговара Ногачески. На крајот од 2019 разговараме со градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачеси. Ви пренесуваме дел од работата, но и дел од неговата приватност.

Скопје1: Градоначалник во каква состојба ја затекнавте Општина Дебрца?

Зоран Ногачески: На денот на преземањето на градоначалничката функција, пред нешто повеќе од две години, општината, во делот на финансиската состојба ја наследив со позитива од околу 850.000 денари, а по првичното скенирање на состојбата , со преземени, доспеани или недоспеани обврски од околу 8.000.000 денари. Ја наследив со некои проекти преземени од мојот претходник, добар дел од нив промашени и без никаква стратегија каде , во која насока треба да се движи и развива.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ:

И секако, со еден од најголемите предизвици, како да се избориме со претходно наметнатото решение од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, селото Годивје, односно Дебрца да биде локацијата за регионалната постројка за управување со отпад.

Скопје1: До каде сте со реализацијата на вашите планови за Дебрца?

Зоран Ногачески: Од првиот ден откако граѓаните ми ја дадоа довербата, се зафатив со одговорна, чесна и домаќинска работа, во насока на подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните и оддржлив развој на нашата општина.

Две години е доволен период за да зборуваме за конкретни резултати, за повеќе завршени проекти, за уште поголем број отпочнати проекти на кои во моментов активно се работи и што е најважно за трасирање на патот на развојот на општината.

Пред извесно време во мојот Отчет за двете години – отворена општина Дебрца поконкретно зборував за реализираните и идните планови и проекти.

Скопје1: Се чини дека извојувавте голема победа вие како градоначалник, но и жителите затоа што бевте сложни по однос на прашањето за изградба на регионална депонија. Имате ли конкретни податоци за ова прашање, се заврши ли оваа агонија, ќе остане ли Дебрца чиста животна средина?

Зоран Ногачески: Двете години градоначалнички мандат на некој начин беа одбележани со нашата битка со правни, еколошки и цивилизациски аргументи да докажеме дека Дебрца и воопшто сливот на Охридското Езеро не може и не смее да биде локација за регионалната постројка за управување со отпад во Југозападниот плански регион. Според последните најави од Министерството за животна средина и просторно планирање полека се напушта и мислам и дефинитивно ќе се напушти ова решение. Ова е победа на сите граѓани на Дебрца и на сите други кои на било кој начин помогнаа да ја сочуваме Дебрца, јас бев само primus inter pares, првиот меѓу еднаквите кој си ја извршуваше должноста добиена од граѓаните, ми претставуваше особена чест да бидам заедно со својот народ во одбраната на еколошката иднина на нашата Дебрца….

Скопје1: Кои се ваши поголеми планови за Дебрца? Како ја гледате општината за 5, 6 .. 10 години? –

Зоран Ногачески: Нашата заложба е Дебрца да се развива во онаа насока за која е предодредена, односно има компаративни предности. Извонредното природно и културно наследство поради кое и Дебрца е дел од светското природно и културно наследство , историското наследство, односно епската димензија на Дебрца, тоа се предусловите кои треба да се искористат  Дебрца да се промовира во високорангирана природна, културна , археолошка туристичка дестинација, со подобрена инфраструктура, развиено земјоделство, зелена економија, еколошки чиста средина и производство на здрава храна, подобрена социјална средина. Овие стратешки цели и приоритети ги дефиниравме и со Интегрираниот план за развој на општината, како стратешки документ усвоен од советот на општината.

Скопје1: Има ли шанси да се развива етно туризам во Дебрца? – Етно туризам, но и многу други поволности , но и проблеми се од интерес за регионов. Дебрца, Струга, Вевчани, Охрид… Каква соработка имате со градоначалниците?

Зоран Ногачески: Дебрца е природно предодрена за развој на руралниот туризам. Навистина несфатливо е како години наназад ништо не е направено на тој план. Доволно е да се создадат услови за искористување на потенцијалите на Белчишкото Блато,Слатинското Езеро, Требенишкото Езеро,  планинските дестинации, археолошките локалитети, верските,историските  и културните споменици, традиционалната храна, извонредната селска архитектура  и многу други нешта. Работиме на тој план со неколку проекти, од кои посебно би ги истакнал двата проекти финансирани од ЕУ, Програма за прекугранична соработка со Грција и Албанија, каде се таргетира Белчишкото Блато и развојот на авантуристичкиот планински туризам.

Соработката со градоначалниците од соседните општини и од Југозападниот плански регион можам да ја оценам позитивно, со меѓусебно разбирање и поддршка за заедничките и регионалните проекти.

Скопје1: Може ли малку приватно за вас. Семејството, каде израснавте, каде се образувавте… Зошто останавте во Дебрца? –

Зоран Ногачески: Во воведот убаво кажавте, Волино е моето животно сидро, Волино е мојот живот, се’ што ми се случило, ми се случило таму. Јас сум првиот Градоначалник на општина Дебрца кој постојано живее во општината. Горд сум на тоа и секогаш тоа го потенцирам. Моите претходници само формално, на лична карта имаа адреса во општината, а фактички живееа во Охрид.

Во Волино завршив четврто одделение, во соседното Требеништа осмолетка, во Охрид гимназиско образование, а дипломирав на Правниот факултет Јустинијан Први, во Скопје. Целиот работен век, од 1997 година до денес сум во локалната самоуправа, два мандати секретар на советот на поранешната општина Мешеишта, стручен и раководен државен службеник и две години градоначалник на општина Дебрца.

И сум останал во Волино и можеби ќе звучам локалпатриотски, ама  немам намера допрва да го напуштам Волино и општината. Сум имал можности за тоа, бидејќи мојата сопруга има и австралиско државјанство, ама не сум заминал. Како велат, каменот си тежи на местото.

Скопје1: Верувам дека воопшто не е лесно да се решаваат проблемите на сите. Градоначалник е функција која бара откажувања од многу работи од приватниот живот. Имате ли време за приватност за важи желби.

Зоран Ногачески: Точно така, градоначалничката функција значи и откажување од многу работи од приватниот живот, поради ограниченото слободно време. Дотолку повеќе што јас сум теренаш и секојдневно ја поминувам територијата на општината, а триесет села се во општината, некои само со неколку жители, кои  сепак треба да ги посетите. Освен тоа, ние сме селска средина, каде луѓето меѓусебно добро се познаваме и секојдневно се среќаваме, не само во мојот кабинет, туку и на улица, во селските продавници, на верски празнувањa, на нива, а честопати граѓаните знаат да заѕвонат и на влезната врата од мојот дом. И за сите треба да одвоите време. Засега се трудам максимално да излезам во пресрет на барањата на граѓаните

Дел од слободното време го користам за моите работни обврски во овоштарникот, традиција која ја наследив од моите родители и тоа можеби e местото за најдобра релаксација.

Благодарност и до мојата сопруга за разбирањето што го има за моите обврски, поради кои трпи приватниот живот.

Скопје1: Дали и колку се снаоѓате во кујната? Сака ли Зоран Ногачески да готви? Што сака најмногу?

Во кујната сум тапа. Врска немам и никогаш не сум го готвел. Ако не е мојата сопруга, која прекрасно знае да готви, ќе “умрам” од глад, ха ха.

 lifestyle.mk: Омилена дестинација… каде сте патувале, каде сакате да одите?

Зоран Ногачески: Немам посебна омилена дестинација, но со оглед на тоа да мојата сопруга има австралиски пасош и во изминативе 24 години брак не успеа да ме “убеди” да се преселиме во Австралија, сакам и се надевам дека ќе ја посетам оваа далечна земја, ама само како туристичка дестинација. Во моментов во двомесечна туристичка посета на Перт се моите синови, Бојан и Стефан.

Скопје1: Ваш неостварен сон?

Зоран Ногачески: Единствениот и неповторлив Мартин Лутер Кинг имаше сон еден ден во Америка белите и црните дечиња да се држат за рака и тој негов сон одамна е реалност. Значи,соновите постојат за да се исполнуваат. Јас немам некој посебен сон, единственото што посакувам е да се избориме  еден ден во Македонија да се искорени сиромаштијата и невработеноста и во неа да се живее подостоинствено и посреќно. Оти многу години изгубивме на транзиции и други будалаштини. И не само селата , туку и градовите неповратно ни се испразнија.Да се избориме децата да ни останат тука.

 lifestyle.mk: Спорт, што најмногу сакате од спортот? Сакате ли да играте фудбал, ракомет, кошарка….

Зоран Ногачески: Е таа страст, таа љубов, таа зависност за мене е фудбалот. Од кога знам за себе, сум вљубеник во фудбалот и фанатичен навивач, и пред се и над се , цел мој живот поддржувач на мојот клуб, ФК “Сатеска”. На глобално ниво сум бил фанатичен “звездаш” и навивач на клубот со најдобрата публика на светот, Liverpool.

Многумина ме запрашале, што е тоа Зоки, градоначалниче, што Ве прави поинаков кога сте на фудбалски натпревар на ФК “Сатеска”, па дури понекогаш се доведувате и во помалку или повеќе непријатни ситуации !??
Тешко тоа можам да Ви го објаснам.

Тоа е страст, тоа е зависност на телото, душата и умот. Тоа треба да го доживеете, за да го разберете.

И затоа, кога ќе ме видите на фудбалски натпревар, со мојот клуб, Ве молам, не ме гледајте низ призмата на мојата функција ( таа е времена и минлива ), гледајте ме како обичен човек, со човечки и понекогаш жестоки емоции и љубов кон својот клуб. А, во такви ситуации неретко се поминуваат и замислените “црвени линии”.

Скопје1: Една порака за читателите на Охри1 и Скопје 1 … порака но и желба за Новата 2020 …

Зоран Ногачески: На Вашите читатели и секако на сите граѓани им посакувам исполнување на нивните желби, но пред се здравје. Секогаш бидете со добра мисла, хумани, подадете рака на оној на кого му е потребна. Животот е краток за да бидеме себични, оти на доброто со добро се враќа. И не очајувајте , и под најтемните облаци има ѕвезди.

Среќна Ви Нова 2020 година !

фото: ФБ Зоран Ногачески