Коментари

СЕЕЊЕ СТРАВ И ЗАКАНИ: Кој ќе преживее до 12 април, ќе раскажува

Фб статус на новинарката Јорданка Ивановска Јоци. Таа пишува:

СЕЕЊЕ СТРАВ И ЗАКАНИ: Кој ќе преживее до 12 април, ќе раскажува

По десетина дена техничка Влада, односно изместени политички сили и влез на ВМРО-ДПМНЕ во извршната власт, јавноста веќе почна да добива мали сигнали дека нешто не е во ред. Тоа ,,нешто” се заканите по живот, отворени или суптилни, кои ги добиваат активни новинари или јавни личности, политички коментатори кои кројат јавно мислење и допираат до поголема публика.

Многу нешта не се исти како претходно и веќе воздухот мириса поинаку. Труе на луѓе кои власта ја земаат ,,здраво за готово”.
Веќе е јасно дека не станува збор за циклични и случајни, напротив за последователни и временски набиени сериозни закани кон луѓето кои кројат јавно мислење, а кои се обележани како ,,шарени” и ,,северџани”, луѓе кои пишуваа и делуваа за симнување од власт на екс премиерот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Некои закани се пријавени во МВР, а многу други суптилни се непријавени поради недоверба во техничката Влада. И тој јаз, тој кањон, допрва ќе се зголемува и гледа појасно од јавноста до 12 април.

Дел од опозициските симпатизери и членови, по три години молк и два-три ,,блуткави” протести за ,,името”, сега се осоколени, помирисале малку власт и адреналински се нафрлаат со закани, клевети, навреди и одмаздничка реторика кон луѓе кои не се нивен ,,табор”. Најмногу на социјални мрежи, но заканите се префрлија и во реалниот свет преку телефонски јавувања или праќање на разни ,,пријателски поздрави”.

Разноразни сеат страв, хушкаат и така-некако се додворуваат на својата партија, во надеж дека некој ќе ги забележи и награди за нивната ,,храброст”.
Но, сепак ,,центарот” на заканите, иако некои сакаат да го замаглат со пацерска пропаганда, е многу јасен ако пареата на стаклото се исчисти со еден потег со раката – речиси секогаш станува збор за истурени фигури, блиски до ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали станува збор за симпатизери или членови.

Во новинарските кругови, зборот за луѓето кои се цел на закани е – ,,таргет”.
Искусните новинари, кои поминале многу добро знаат. Кога ќе станат ,,таргет” поради икс причини, а точно го знаат ,,центарот”, не смеат да чекаат повеќе од 24 часа за тоа да го решат. По 24 часа чекање, заканите се шират на поголем круг на луѓе кои се инспирираат меѓусебе и добиваат друг правец, ако не бидат спречени навреме.
Се ,,озрачуваат” како Фукушима други луѓе со неодговорноста на тој еден и тие, свесно или несвесно, стануваат негови компањони.
Тоа се учи по предметот ,,социјална психологија” каде еден човек инспирира други, хушка, зборува лаги, а ако не се спречи навреме, не се ,,пресечат”, потоа се групираат. А, во група, пред избори, секој поединец добива ,,кокаинска” сила и не размислува за последиците со здрав разум. Имено, веќе тоа се случи на крвавиот ,,27 април”.

Понекогаш вакви работи се решаваат преку пријатели за смирување на страстите, ако сте имале некогаш пријателска комуникација, а повеќе не, но сепак – никогаш не сте 100 отсто сигурни дали ,,лекот” делувал кон заканувачот. Треба да се добива редовно инфо за однесувањето на заканувачот, дали отстапува од секојдневна рутина за да бидете сигурни дека не планира нешто друго. Дали неговиот ум ја примил пораката да се смири или само глуми.
Поради тоа секој искусен новинар или влијателна личност во ракав мора да држи пет ,,аса” кога некој друг ќе почне прв. Не еден ,,ас”. И никогаш да не ги вадите сите наеднаш на масата. Можеби е човечки неетички, но така се штитите. Градите бедем околу вас и праќате порака дека нема да молчите кон заканувачите. Она кое сте сметале дека не мора да го објавите за да не напакостите, секако станува опција ако се чувствувате загрозени.

Меѓу етиката и оние кои сакаат да ве нема, поради тоа што знаете многу, јас го бирам секогаш второто. И подготвена сум на се` со перото, со материјални докази.
Може да пратите јавни пораки дека не се плашите за да ги стабилизирате демонските умови, но никогаш не ги потценувајте.

Од мое лично искуство, вакво нешто се случи кога во редакцијата на ,,Вест” со бодигарди дојде да се заканува по живот, покоен Никола Николиќ, газдата на ,,Фиком”. Заканите се решија со посредство на политичари – пријатели. Речиси сите сериозни јавни личности секогаш имаат политичари-пријатели зад себе кои знаат да ,,удрат на маса” кога треба. Од двете страни пријатели. Разумни, кои ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата и дека штетата кон партијата на која припаѓаат, мора брзо да се спречи.

Последната сериозна закана кон мене од снимател на ,,Инфомакс” е пријавена во МВР и очекувам Јавното обвинителство за постапи по неа. Бидејќи, понекогаш сето погоренаведено е невозможно за некои луѓе, по сопствена проценка. И пријава во полиција со материјални докази – преписки кои сте ги добиле, а се со вокабулар кој цели кон загрозување на вашиот живот, е единствениот начин.
Има и други, кои, не се пријавени, но се привремено решени.

И за крај. При евентуален напад, личноста во чие име се испраќаат разни ,,поздрави” со кои се загрозува вашата сигурност и живот, а за тоа има пишани докази, иако некој мисли дека не е директно инволвиран, сепак станува осомничен за конспирација.

12.01.2020, Скопје
ЈИЈ

https://www.facebook.com/photo.php?fbid=10220906526672855&set=a.10206993089605624&type=3&theater

 

 

На почеток