пет. Фев 21st, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

(ФОТО) Во Бигорскиот манастир пристигна икона на свети Архангел Михаил

Во пресрет на празникот на Божественото Просвештение и на светлото Богојавление над реката Јордан, Бигорската Обител вчеравечер беше удостоена со голем ангелски благослов. Имено, во Манастирот пристигна прекрасна икона од Војсководецот на светите Ангелски сили, Светиот Архангел Михаил.

Иконата на небесниот Архистратиг, изработена во сребрен опков со позлата, украсен со бисери и полудраги камења, ја донесе лично нејзиниот творец, нашиот драг пријател, добропознатиот зограф Димчо Димчовски од Р. Бугарија, во придружба на двајца свои сопатници. Тој ѝ ја подари на нашата Обител оваа преубава икона со благоволение и благослов на Епископот Велички, Неговото Преосвештенство г. Сиониј, од Бугарската православна црква, кој воедно е игумен на двата мошне значајни бугарски манастири: Тројанскиот и Бачковскиот. Ова е веќе третпат како со благослов на владиката Сиониј, зографот Димчо Димчовски великодушно му подарува икона на нашиот Старец – првиот пат, икона на Светите Кирил и Методиј и вториот пат – на Свети Великомаченик Георгиј во Рајчица.

Со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, иконата на Свети Архангел Михаил беше торжествено пречекана од нашето братство и присутните верници со вообичаеното манастирско иподохи (пречек). Во своето пригодно слово, Старецот, меѓу другото, истакна:


Архимандрит Партениј

„Сесрдно и најтопло им благодариме на Неговото Преосвештенство, возљубениот Епископ Велички, г. Сиониј, на нашиот драг брат во Христа, г. Димчо Димчовски и на неговата благочестива придружба, што во пресрет на празникот Богојавление ни ја приредија оваа голема чест и радост! Тие ни доаѓаат од нашиот братски сосед Република Бугарија. Во овој момент го молиме великиот Архистратиг, Свети Архангел Михаил, да го умножува братољубието меѓу православните браќа насекаде, бидејќи токму од нас, поклониците на Троичниот Бог, се очекува да покажуваме меѓусебна љубов во Христа, како што и Он, нашиот Спасител, им рекол на Своите ученици: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35).

Нашата Црква, Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската православна црква, повеќе од пет десетлетија се бори за својата автокефалност, за своето место под небесното Сонце, кое Сонцето на правдата – Христос Бог, го испраќа подеднакво за сите. И ете, благодарение на таа макотрпна борба, како и на вишното просветление на нашиот богомудар Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, се наоѓа, се надеваме, пред прагот на нејзиното признавање. Православните браќа пак, во Бугарија веќе долго време имаат призната автокефална Црква. На тие простори, додека овде дејствувала Охридската Архиепископија, таму пастирствувала Трновската Патријаршија. И ете, денес, за слава на Бога, Бугарската Црква има своја автокефалија и свој самостоен претстојател. Сега, полезно е, во духот на Христијанството и братољубието, високиот клир на Бугарската Црква да се израдува заедно со своите браќа и христијанската паства од оваа земја-маченица и да ја поддржи Великата Христова Црква – Вселенската Патријаршија во нејзината иницијатива да ја исправи долгогодишната неправда, та древната Охридска столица рамноправно да биде прифатена од сите други помесни православни Цркви во светот.

Великиот Архистратиг Михаил да се застапува за сите нас, за нашата мила Црква, Охридската Архиепископија и особено за монасите, како заштитник на рамноангелскиот живот на земјата. Впрочем, како што знаеме од свештената историја, Светиот рамноапостолен отец наш Наум Охридски, нашиот родоначалник, таткото на сето словенско општежително монашко, Манастирот што го изградил на брегот на Белото Езеро, го посветил токму на Светите Архангели, како на заштитници на монашкиот род. Оттогаш, неговиот Манастир станал пример и за други манастири во Македонија, кои од чест кон овој голем наш Светија и кон Светите Архангели, ги сликале чиночаланиците на Бесплотните сили на иконата што се наоѓа веднаш до Пресвета Богородица на иконостасот. Таков е случајот и со нашиот Манастир. Следствено, го молиме големиот Војвода на Небесните воинства да ја чува монашката војска насекаде по светов и на овој илјадалетен Манастир на возобновената Охридска Архиепископија, Свети Јован Крстител – Бигорски; да ни помогне да останеме докрај верна војска на нашиот Спасител и Бог, Господ Исус Христос. Зашто, Архангелот Михаил е оној, кој по падот на сатаната и на ангелите со него, го повикал сето небесно воинство и извикал: Да стоиме добро, да застанеме со страв. Монасите секојдневно се исправени пред овој повик на Архистратигот, да останат докрај во заветот на кој се ветиле, што воопшто не е лесно, туку напротив, нешто многу тешко и макотрпно, особено во ова време.

Накрај, уште еднаш длабоко им се заблагодарувам на нашите дарители, кои веќе трет пат ја радуваат нашата Света Обител со ваков скапоцен дар. Бог да ги благослови, по молитвите на Светиот Архангел Михаил, на Светите Кирил и Методиј, чијашто икона ни подарија пред три години, и на Свети Георгиј Победоносец, чијашто икона, исто така, му подарија на Манастирот во Рајчица!“


Во одговор на овој благодарствен поздрав на нашиот Старец, зографот Димчо ги кажа следниве зборови:

г. Димчо Димчовски

„Мојата, како и радоста на моите и ваши браќа со кои ја подаривме оваа икона, е поголема од вашата радост. Зашто, секогаш кога човек Христијанин дава, се радува повеќе отколку кога прима. Така што, радоста ни припаѓа повеќе нам. Оваа икона дојде тука по нарачка на Епископот Сиониј, кој е единствениот Игумен истовремено на два ставропигијални манастири: на Тројанскиот и на Бачковскиот. Кога пристигна кај нас веста за Вселенскиот Патријарх, кој донесе едно такво, исклучително светло решение да посредува за востановување на канонското општење на вашата Црква, дедо Сиониј нè замоли да ја донесеме оваа икона како знак за братољубието меѓу браќата во Христа од Бугарија и Македонија.

Сакам да му се заблагодарам на Старец Партениј, што и претходно, ги прими од нас и другите икони, што како дар му ги донесовме по благословот на дедо Сиониј. Имено, тој го препознава отец Партениј како Партениј градителот, кој за толку кратко време успеа, не само да го востанови Манастирот, туку и да го обнови општежителното монаштво во Македонија, заедно со други светогорски отци…

Вие сте едно прекрасно, големо и сплотено братство. Ви благодариме што сте пример за сите нас! Во лицето на отец Партениј и на ова братство, ние препознаваме вистински духовни водачи на православниот народ во овие тешки времиња. Ви благодариме што ве има! Овој скромен дар е најмалото што можеме да го направиме за вас…“

извор: Бигорски манастир