Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 29 и 28 години, поради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Осомничените, на 14 јануари, заедно и со намера за себе да прибават противправна имотна корист, употребувајќи сила принудиле едно лице да им го даде неговото возило „Форд ескорт“. Имено, двајцата најпрвин дошле во домот на оштетениот и започнале расправија со него. Потоа еден од осомничените со метална шипка која ја носел со себе започнал да го удира оштетениот по телото, додека вториот осомничен го удрил оштетениот со бокс во неговото лице. На тој начин тие го присилиле да им го даде возилото и го напуштиле местото, а следниот ден автомобилот го продале за 11.000 денари.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за едниот осомничен, додека за другиот побара да бидат определени мерки на претпазливост.
фото: Архива