Македонија

Мицкоски: Хибридниот режим на Заев турка закон за обвинителство за амнестија на криминалот и неправдите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе достават девет забелешки за Законот за јавно обвинителство. Тој нагласи дека сакаат квалитетен закон а не како што сака хибридниот режим на Заев  закон за за амнестија на криминалот и неправдите. Повторувам, хибридниот режим на Заев турка закон за обвинителство за амнестија на криминалот и неправдите.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ врз основа на интерно спроведената анализа но и екстерни консултации кои што ги направи со луѓе, кои што се еминентни и се професори на правните факултети ширум Македонија, адвокати, обвинители, и судии со искуства изработи забелешки кон она што сега го предлага СДСМ.

Целта е да се направи вистински реформски закон. А, не закон кој што ќе биде заштитник на криминалот и на Зоран Заев по 12-ти април.Повторно предлагаат формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство.Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски-објасни Мицкоски.

Мицкоски конкретно ги објасни и забешките за споменатиот закон

Начелото на единственост на јавното обвинителство, утврдено во Уставот, не дозволува основање и укинување на „други паралелни обвинителства“ како што предлага СДСМ. Оттука, членот 24 за формирање на такви обвинителства е противуставен. Се сеќавате оние истите кои што пред неколку недели имаа уста полна за противуставен предлог сега доставуваат во неколку членови токму таков противуставен предлог.

  1. Чл. 26, став 2 не води сметка за уставното начело на двостепеност во заштитата на правата на јавните обвинители.
  2. Став 5 од членот 26 доведува до нееднаков третман на јавните обвинители. Не се јасни причините зошто Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не можат да бидат упатени во друго јавно обвинителство.
  3. Ставот 2 го крши принципот на хиерархија кога вели дека Јавното обвинителство без согласност на ЈО при ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција или да овласти друго ЈО со овој став повторно се прави паралелизам во ЈО слично на она како што беше со СЈО, односно ЈО е главен и највисок орган во рамките на државното јавно обвинителство само кога тоа ќе му го дозволи ЈО при ОЈО за организиран криминал?!
  4. Изборот на јавен обвинител го врши Собранието како политички орган по предлог на Владата и по прибавено позитивно мислење на Советот на јавни обвинители, па според тоа изборот е политичка проценка и одлука на одредено мнозинство во Собранието. Лицето кое би било предложено треба да е од поширока компетентната правна фела, а за таква треба да се вклучи и научната и стручната универзитетска фела, од редот на редовните професори по право кои се избрани на предмети од правосудна област. Тоа во текот на минатогодишната рунда на преговори односно минато месечните рунди на преговори веќе беше договорено но повторно се враќаат на почетната позиција. Дали од немарност, од невнимание, или воопшто некој не го ни погледнал предлог закон кој што го доставиле.
  5. Со решенијата на членовите 63 и 64, пренагласена е улогата на Советот на јавните обвинители во селекцијата на предложените кандидати преку т.н. претходно позитивно мислење за одреден кандидат за да истиот биде предложен од Владата. Односно тоа како би изгледало во пракса, Заев би нарачал, а Јовевски би испорачал. Терминот „мислење“ нема правно обврзувачка сила. Од решенијата, произлегува дека без претходно позитивно мислење, Владата нема да може да предложи кандидат и огласите да се повторуваат до бесконечност, што претставува правна замка од која нема да може да се избере нов Републички обвинител од страна на новото Собрание.
  6. Со решението кое СДСМ го предлага доаѓа до неможност новата Влада да предложи, а новото парламентарно мнозинство да го разреши Републичкиот јавен обвинител односно постојните политизирани и компромитирани решенија да бидат зацементирани во иднина. Затоа зборував и во претходната точка.
  7. Во поглед на платите, согласно член 102 јавниот обвинител од основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е привилигиран, односно неговата плата е за 5% помала од платата на државниот јавен обвинител, а платата на другите јавни обвинители е како онаа на јавен обвинител на вишото јавно обвинителство. Дополнително, членот 103 остава простор за продолжување на лошата пракса да се доделуваат додатоци како на пример: додаток за посебни услови за работа, додаток за висок ризик и додаток за доверливост, се разбира покрај високите плати на јавните обвинители во кои се вградени и горенаведените ризици. Хипокризија е да се купуваат нештата кои се нормални во вршењето на оваа функција. Практично ќе ни се повтори истото она кое што се случуваше во СЈО, овие обвинители да си делат месечни хонорари по неколку илјади евра или тоа на годишно ниво да биде неколку десетици илјади евра надвор од законот. Односно со овој закон сака да се озакони она кое што како кривично дело беше правено во рамките на СЈО кога се трошеа народните пари.
  8. Членовите во преодните и завршните одредби се противуставни и се во директна колизија со законот за кривична постапка од причина што тој закон не го познава незаконското следење на комуникациите, а уште помалку т.н. кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па оттука невозможно е обвинителството да ги интегрира тие дела во делокругот на својот прогон.

Според Мицкоски очигледен е очајничкиот потег на предлагачот да ги озакони незаконските постапки на актуелниот републички јавен обвинител кој незаконски, но фактички ги внесе овие постапки во делокругот на работата на јавното обвинителство.

-Со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она кое што незаконски беше направено односно преносот на процесите од СЈО во редовното ЈО. Да бидеме на јасно закон со кој што ќе се амнестира криминал ниту преговарам, ниту пак прифаќам.Ова не е закон кој треба да донесе правда, туку закон со кој се сака да се заштити хибридниот режим на Заев. Со ваквиот антиевропски закон со кој не се почитуваат ниту мислењата на релевантните меѓународни тела, впрочем Заев ја оддалечува земјава од европскиот пат-додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој убедува дека нема да наседнат на  очајничките обиди на власта во заминување да избегне одговорност.

фото и видео: ВМРО ДПМНЕ

На почеток