Македонија

Комплексот „Маркови кули“ со свој „устав“ на заштита и поблиску до УНЕСКО

До средината на идниот месец, заштитеното природно и културно наследство, комплексот „Маркови кули“ треба да добие своевиден „устав“ на валоризирани вредности. Никој не смее без одобрение на прилепскиот Институт за старословенска култура да „чепне“ во Комплексот на 4.000 хектари. Идната недела е време на јавни расправи, но и на зацврстување на природните и на културните вредности на „Марковите кули“. Ќе се усвојуваат планот и стратегијата за управување.

Како што објасни Бранко Ристески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп, Институтот ќе управува со заштитеното подрачје „Маркови кули“ на површина од 4.000 хектари со докажана природна реткост и бројни споменични, барем девет, културни обележја. Идниот петок Институтот и Министерството за животна средина организираат јавни расправи за двата стратегиски документа.

– Првата јавна расправа се однесува на стратегиската оценка на животната средина најнепосредно поврзана со планот за управување со споменикот на природата Маркови кули. Во овој документ се антиципираат можните проблеми при планирањето и ставањето во функција на планот за управување и на овој начин добиваме алатка која би ги елиминирала можните проблеми во заштитата и надградбата на споменичните вредности на овој простор. Вториот суштински, стратегиски, документ, со кој се заокружува управувањето со овој заштитен простор е Планот за управување во кој се два основни сегмента. Првиот се однесува на идентификување и валоризирање на природните и на културните содржини на овој простор, а вториот сегмент е системот на управување со заштитеното подрачје. Првиот сегмент е аналитичен и се заснова на природните и на културните вредности на овој простор, а во вториот, суштински и оперативен сегмент, се дадени основните четири зони на управување за дозволените активности за заштита и за зачувување на автентичните вредности и нивнотот ставање во функција за културна промоција и за туризам, објасни Ристески.

Со планот за управување, целосно се регулира заштитатата и трае 10 години. Во меѓувреме ќе има истражувања и дополнително вреднување. Сето тоа е поблиску до ставањето на комплексот на постојаната листа на УНЕСКО.

извор: makpress.mk

фото: Архива

На почеток