Актуелно

ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Кинески мудрости

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.  

Кинеската Нова година традиционално е одбележана со прослава на едно од дванаесетте животни кои се основа на кинеската астрологија. Претходната година беше под доминација на прасето, а од 25 јануари до 11 февруари 2021 година симбол на Кинеската нова година е стаорецот. Тоа ќе овозможи родените во годината на стаорецот (1936, 1948, 1960, 1972, 1984, 1996, 2008) да имаат одлични можности за поуспешно разрешување на проблемите, отворање нови перспективи, хармонизирање на љубовните односи и напредок во работата. Стаорецот е првиот знак на циклусот на 12-те животни на кинескиот зодијак, така што неговото владеење ќе донесе нови почетоци, регенерација, иницијативност, просперитет и духовна трансформација. Клучни зборови во годината на стаорецот се: нови можности, решителност, борбеност, практичност и мудрост.

Мудроста е основна вредност која денес стана нужна потреба и моќна заштита од лицата кои манифестираат себично, алчно, манипулативно и негативно однесување. Без мудро промислување е исклучително тешко да се воспостави мирен, хармоничен, стабилен и добродетелен начин на живеење. За да ги оствариме целите и постигнеме позитивни резултати, неопходно е да бидеме разумни, самосвесни и духовно пробудени, зашто опасностите демнат на секој чекор и лесно може да нè одведат кон погрешната патека исполнета со многу искушенија, проблеми и тешкотии.

Во контекст на разумното постапување и отворање нови можности за напредување ќе претставиме дел од поучните размисли на еден од најзначајните кинески филозофи Лао Це (роден 6 век пред н.е).

Основоположникот на таоизмот (филозофија на природноста и едноставноста) Лао Це велел дека човекот кој не се познава самиот себеси и нè живее во сообразност со природата и хармонијата завршува несреќно. Тој подучува дека треба да делуваме спонтано и без напор, бидејќи „во пасивноста мудриот се поистоветува со Тао (патот)“. Опуштеноста, внатрешниот мир, прифаќањето на судбината и „делувањето со неделување“ се темелот врз кој почива таоистичкото учење. Со напуштање на гордоста, ароганцијата и суетата се подготвуваме за патот што води кон среќата и хармонијата. Лао Це сметал дека сè додека постапките на луѓето се мотивирани од алчност и скржавост, нема надеж за постигнување духовен мир и задоволство.

ЕГОИЗМОТ, НЕНАСИТНОСТА И ЖЕЛБАТА ЗА ПРИЗНАНИЕ ОД ОКОЛИНАТА СЕ ЕДНИ ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ НА МИРОТ И ХАРМОНИЈАТА. ЛАО ЦЕ КРИТИЧКИ ГИ ОПСЕРВИРАЛ ЛИЦАТА КОИ НЕРАЗУМНО ИМ СЕ ПРЕДАВААТ НА СТРАСТИТЕ, ВОДАТ РАЗВРАТЕН ЖИВОТ И ОПСЕСИВНО ИМ СЕ ПОДРЕДУВААТ НА СВОИТЕ ЖЕЛБИ. ТОКМУ ВО НИСКИТЕ СТРАСТИ, ТОЈ ГО ПРЕПОЗНАЛ НАЈГОЛЕМИОТ УГНЕТУВАЧ НА ЧОВЕКОТ И ПРЕДИЗВИКУВАЧ НА НЕМИРОТ И ДИСХАРМОНИЈАТА.

Современиот начин на живеење сè повеќе потврдува дека неконтролираното препуштање на телесните задоволства и блудните побуди го уништуваат моралот, чесноста и духот на човекот, соочувајќи го со разни болести, стрес и девијантни ситуации. Основната насока за воспоставување превосходна доблест е во воздржување, повлекување, задоволување со малку и смирение, потенцирал Лао Це. Според него: „Нема поголема несреќа од невоздржувањето; Нема поголемо злосторство од копнеењето. Оттука, задоволството од познанието на доволното претставува вечно задоволство„.

Клучните поуки на таоистичката етика се втемелени врз „трите драгоцености“ предочени во „Тао Те Џинг (Книга за Патот и Доблеста)“: Си имам три драгоцености, кои неуморно ги пазам: Првата е милосрдието; Втората е умереноста; А третата е – никогаш да не се сметам за прв во светот.

Свеста за вистинските вредности, фокусот кон внатрешниот мир, позитивниот пристап, дарежливоста и умереноста се клуч за постигнување мир и среќа во животот. Во тој правец одат и зборовите на Лао Це: „Што е поважно – славата или животот? Што е повредно – животот или материјалното? Што повеќе боли – добивката или загубата? Скржавиот секогаш плаќа највисока цена; Пренатрупаноста нужно води кон загуба. Кој има мерка, нема да го снајде несреќа. Кој ја знае границата, нема да се изложи на опасности. Тој може да биде долговечен“.

Сите ние треба да станеме свесни за нештата кои не се добри во нашиот живот; да ги препознаеме лажните вредности; да нè дозволиме површните и неуки личности да управуваат со нашата личност и да ги согледаме аспектите кои предизвикале да опстојуваме во болен однос, болна работна организација, болни пријателства и болно општество. Само така ќе може да го пронајдеме лекот за болеста на духот и мирот во душата.

Сведоци сме дека некои лица своето површно, приглупо, умислено и надмено поведение го прикриваат со велот на „знаењето“,„елитизмот“, материјална надмоќ и општествена позиционираност, наметнувајќи правила на однесување и систем на вредности кои се во спротивност со категориите одговорност, мудрост, доблесност и општо добро. Лао Це потенцирал дека таквите лажни принципи на дејствување се плод на суштинско незнаење, кое како такво треба да биде препознаено: „Да знаеш дека не знаеш е најдобро; А не знаејќи, да мислиш дека знаеш, е болест. Да ја препознаеш болеста како болест значи дека не си болен. Мудрецот не е болен, затоа што ја согледува болеста како болест“. Асоцијацијата е дека сите ние треба да станеме свесни за нештата кои не се добри во нашиот живот; да ги препознаеме лажните вредности; да нè дозволиме површните и неуки личности да управуваат со нашата личност и да ги согледаме аспектите кои предизвикале да опстојуваме во болен однос, болна работна организација, болни пријателства и болно општество. Само така ќе може да го пронајдеме лекот за болеста на духот и мирот во душата.

ОСОЗНАВАЊЕТО НА НЕШТАТА Е НАЈДОБРИОТ ЛЕК ЗА ЗАБЛУДИТЕ, НАМЕТНАТИТЕ „ВИСТИНИ“, ЗАВИСНОСТА ОД СУДОТ НА ЈАВНОСТА И НЕСИГУРНОСТА ВО СОПСТВЕНИТЕ ВРЕДНОСТИ. ВО ОДНОС НА ПОЗНАНИЕТО НА ВИСТИНАТА, ЛАО ЦЕ ЗАКЛУЧИЛ: „ОНОЈ ШТО ГИ ПОЗНАВА ДРУГИТЕ Е МУДАР, ТОЈ ШТО СЕ СПОЗНАЛ СЕБЕСИ Е ПРОСВЕТЛЕН. ОНОЈ, КОЈ ГИ ПОБЕДУВА ДРУГИТЕ Е СИЛЕН, А ТОЈ, КОЈ СЕ ПОБЕДИЛ СЕБЕСИ Е МОЌЕН. КОЈ, ПАК, ЗНАЕ ЗА УМЕРЕНОСТ, Е БОГАТ; И КОЈ Е ИСТРАЕН, ПОСЕДУВА ВОЛЈА. ОНОЈ, КОЈ НЕ СИ ГО ГУБИ СТОЈАЛИШТЕТО, ОПСТОЈУВА; ОНОЈ ШТО ЌЕ УМРЕ, А НЕМА ДА БИДЕ ЗАБОРАВЕН, СТАНУВА БЕСМРТЕН.

Во своето учење за патот што води кон внатрешен мир и доблеста, Лао Це визионерски ги предвидел проблемите со кои се соочува современиот човек и предочил решение за бегство од стресот и негативните вибрации. Тој препорачај да се насочиме кон природата; да го опуштаме умот и телото; да постигнеме внатрешен мир;да се дистанцираме од врева и бучава;помалку да мудруваме, повеќе интуитивно да чувствуваме; да бидеме умерени во сè; да ги следиме инстинктите и да бегаме од ниските страсти и пороците.

Интерпретирајќи го учењето на Лао Це, мошне интересна согледба искажал историчарот Вил Дјурант: Во далечното минато, природата го направила човекот и животот едноставен и мирен и целиот свет бил среќен. Меѓутоа, луѓето стекнале знаење и животот го компликувале со своите пронајдоци, ја загубиле својата ментална и човечка наивност (природност), се селеле од поле (планина) во градина и почнале да пишуваат книги. Мудриот човек ќе ја избегне оваа урбана сложеност овој неморален и исцрпувачки лавиринт на закони и цивилизација, само доколку се сокрие под закрила на природата, далеку од какви било градови, поткупливи службеници, алчни политичари или залудни реформисти. Тајната на мудроста и на тоа мирно задоволство кои се единствената трајна среќа која човекот може да ја најде е да се поврзе со природата и да напушти сè што е вештачко и „разумно“, притоа воспоставувајќи доверба во законите на природата, инстинктот и чувствата

Како заклучок ќе наведеме дел од мислите на Лао Це напишани во „Книга за патот и доблеста“, која после Библијата е најпреведувана книга во историјата на светската книжевност.

Патувањето долго илјада километри започнува со првиот чекор; Сé е подложно на промени; Грижи се за тоа што луѓето го мислат за тебе, и секогаш ќе бидеш несреќен; Внимавај на своите мисли; Биди задоволен со тоа што го имаш; Тишината е извор на голема сила; Престани да размислуваш и реши ги своите проблеми; Дејствувај без очекувања; Ако внимаваш на крајот, како и на почетокот – ќе спречиш неуспех; За да земеш, прво мора да дадеш; Среќата се раѓа од несреќа, несреќата е скриена во прегратките на среќата; Квалитетот на добродетелта (Те) е да се постигне единство на душата и телото – и тоа да се сочува.

фото: Архива

На почеток