Македонија

(ВИДЕО) Дерала од маршот „Чекориме за правда“: Од денеска, судството има добар закон, има слобода

Сакам да го поздравам сега веќе поранешниот собраниски состав за одговорната и државничка одлука што ја донесоа во последниот час од својата работа, пред да се распушти Собранието.
Оваа одлука е силен, јасен и недвосмислен сигнал дека, сепак…

Правда ќе има!

Ама милион Африканци ќе ни се населат! Ама процедурите не биле коректни! Ама ова е предавство! Ама… Што ама, запраша Џабир Дерала, граѓански активист.

Само шест пратеници беа против законите за Јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители. И 80 беа за! Ги поздравувам поради тоа. И ве повикувам сите да ги поздравите со силен  аплауз, колку и да мислите дека некои од нив не го заслужија тоа. Да ја поздравиме  институцијата што конечно се ослободи и не е гласачка машинерија на потстанарот на Орбан.

Да не заборавиме. Меѓу тие 80 беа претставници на граѓанките и граѓаните од сите политички партии и од сите заедници во Северна Македонија. Од сите бои, таа една шарена структура.

Тие го донесоа законот,се разбира Бадинтерово мнозинство беше проблем нели!? Не е проблем затоа што не е обврска. Меѓутоа кога правдата ќе почне да чука на вратата силно, никому не му е грижа дали ќе испадне неписмен, битно му е да ги заштити животот ,својата кожичка, и се разбира парите во Белизе.

Се разбира! Националисти и луѓе под истрага или со обвиненија за криминал се повикуваат на закони, Устав, процедури и бараат Бадинтерово мнозинство! Тие, поради кои е воведен овој принцип за да се намали системската дискриминација, бараат тој принцип да се почитува!

Но, се виде и тоа, колку го почитуваат Бадинтеровиот принцип што не знаат ни кога се гласа според него, а кога не. Не ме ни чуди, бидејќи, во нивно време, во оваа земја се владееше со тефтерчето на Гоца, а со Сваровски накит се купуваше лојалност кон Фамилијата, а не кон позивот обвинител или судија.

Тие што влечеа луѓе за уши, за врат, што секојдневно повикуваат на етничко чистење, тие што своите комшии ги мразат и ги навредуваат со најгнасни изрази – тие побараа Бадинтерово мнозинство.

Но, тоа беше само последниот очајнички обид.

Јас разбирам. Во денови кога правдата чука на врата, никој не е загрижен колку ќе испадне дека е неписмен, туку гледа да си ја спаси кожата и банкарската сметка во Белизе. Криминалците ќе се повикаат и на правда и на закон и на процедури, и на чест и на честитост… Ќе се сетат на сите кибриташки и покерашки финти и трикови, само да купат време, чекајќи нови инструкции од азилантскиот шатор во Будимпешта.

Ќе ни треба многу време да ги наброиме сите монтировки на Сваровски судството. Државата беше заробена затоа што судството беше заробено.

Не смее да се заборават годините на судство заробено од началниците. Не смее да се заборави времето кога човечките судбини беа запечатувани со телефонски повици од Фамилијата, кога животот не зависеше од законите, туку од волјата на началниците и Сваровски судството.

Никогаш не смееме да заборавиме на жртвите на режимот кои минаа низ пеколот на судско-полициските лавиринти.

Своевремено, во оваа земја притворот беше казна пред пресуда. Обвинителите само ја читаа тужбата, а потоа судиите ја читаа и пресудата, а кој ги пишуваше?Знаеме ли? И тужба и пресуда пишуваа началниците. Е, па, началници, помина тоа време.

Да се вратиме само една година назад.Кога гледавме како  милиони евра потрошија да го сопрат нашето чекорење кон Европа. Милиони евра потрошија да ги убедат луѓето дека сите се исти. Милиони евра, наши пари, потрошија за да се изборат за амнестија за своите криминали. Ништо друго не ги интересираше. Само амнестија и, се разбира, да се врати режимот.

Ги ангажираа сите, па и најглупавите насилници и будалетинки да блујат отров по социјалните мрежи, како да нема утре, како да немаат семејства кои потоа ќе се срамат од нив. Вложија огромни пари и врски, за да ја уништат сопствената земја, само за да се извлечат од одговорноста за своето дивеење. Ја мобилизираа сета своја партиска пешадија и направија злокобен обрач околу себе. Не им беше грижа за ништо и за никого освен за сопствените криминални интереси. Ги жртвуваа луѓето околу себе, како топовско месо, да изгорат во битката против правната држава. Универзитетски професорки и професори се посрамотија како последни будали, бранејќи нешто што не се брани.

Но, сето тоа заврши. Неуспешно за криминалната клика, успешно за правната држава. Сега сме чекор поблиску до правната држава и до Европа.

Денеска сум тука и да му порачам на СДСМ: сите ние очекувавме да чекорите похрабро.

Со сето разбирање за само 49-те пратеници во парламентарниот состав и со сето разбирање за насилството на 27 април, кое покажа дека режимот нема лесно да се предаде, за жестоката пропаганда и за опструкциите во преговорите и за овој и за многу други закони…

Сепак, можевте похрабро, подобро и побрзо. Сега и законот е тука. Нека биде тоа уште еден поттик, уште една гаранција за успех на правната држава. Нова енергија.

Од вас очекуваме правда. Од МВРО видовме што можеме да очекуваме.

Затоа, на овој ден, дојдов заедно со сите вас да чекорам за правда. Да ја земам пораката од законодавниот дом, од Собранието и да ја донесам тука, до судот. Да им порачам дека од денеска, судството има добар закон во своите раце и дека има слобода, но и обврска да постапува достоинствено, независно и професионално.

Само така можеме да бидеме дел од Европа, како земја во која владее правото, а не тефтерчињата на МВРО и Сваровски судството. Кој сака нека е, власт или опозиција, богат или сиромашен, ако стори криминал, мора да се соочи со полната сила на законот. Амнестија – не. Правда – ДА!

Само во праведна земја, со независни и достоинствени обвинители и судии, може да се живее достоинствено и европски.

Само во таква земја, може да се одржат слободни избори, а не да се влечат човечиња за уши и за врат, истакна Џабир Дерала, граѓански активист.

фото и видео: СДСМ

На почеток