Зошто на повторното судење за ТНТ, Миле Јанакиевски повторно како доказ го поднел решението за аболиција од претседателот Ѓорге Иванов, иако претходно му бил отфрлен? Како и на сите други обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство, чии имиња се најдоа на списокот од 56 помилувани од Иванов во 2016.
Една од основните логички лекции е дека не е можно со повторување на истите постапки да се очекуваат различни резултати. Но, во македонското судство оваа логика не важи секогаш.
Судовите тогаш ги отфрлаа тие докази затоа што во меѓувреме поранешниот претседател донесе одлука да ги повлече помилувањата. Сепак, сето тоа се случуваше во општествено-политички контекст, во кој имаше големи очекувања во јавноста за тие предмети да поминат низ судска постапка.
Три години од почетокот на судските процеси против аболираните од Иванов, се чувствуваат промени во амбиентот. Уставниот суд отвори постапка, па одбраната на Јанакиески одлучила дека вреди да се обиде повторно со тој доказ. Сето тоа покажува дека помилувањата од Иванов се далеку од завршен случај.
Истражувањето на БИРН покажува дека најмалку четири случаи на државна милост (амнестии, аболиции) ја обликуваат денешната политичка реалност во Македонија, во која фактор се обвинети и осомничени за кривични дела, а меѓупартиската дебата често се сведува на тоа кој е „поголем криминалец“.
За најмалку три од тие одлуки може прецизно да се утврди каде скршнале од патот на Уставот, законите и правилата или на меѓународните конвенции што ги потпишала државата, меѓутоа тоа никогаш не се случи, па денес тие се прифатени како реалност и се проблематизираат исклучиво во интерес на меѓупартиска пресметка.
Одлуката на Собранието дека нема потреба од автентично толкување на Законот за помилување барем навидум го затвори прашањето дали претседателот Ѓорге Иванов имал право да ги донесе одлуките за аболиција од 2016, иако опцијата Уставниот суд да реши поинаку теоретски сѐ уште постои.
