Македонија

Ќе им се одзема и личната карта на обвинетите?

По бегството на поранешниот премиер Никола Груевски само со лична карта, власта ќе бара начин на обвинетите, освен пасошот да им биде одземен и овој документ, како мерка за обезбедување. Премиерот Зоран Заев вели дека правниот систем работи и бара начин како да се реши ова прашање, со оглед на тоа што личната карта е единствен документ за идентификација на обвинетите кои се слободни, односно кои не се во притвор, пишува Независен весник.

„Судот не може повеќе да одзема само пасош, мора да одзема и лична карта поради тоа што имаме соседни земји каде што патуваме само со лична карта. Одземањето на пасошот, заради неможност да се премине граница, не е доволно. Но треба да се промени законот и таму да пишува дека не само патна исправа, туку да се одземе и лична карта. Правниот систем работи и бара начин“, вели Заев.

Правните власти очигледно не предвиделе или не сакале да предвидат дека осомничените на кои им е одземен само пасошот можат да избегаат од Македонија само со лична карта, со оглед на меѓународните договори кои ги потпиша земјава во време на ВМРО-ДПМНЕ со соседните земји, како Србија, Црна Гора, Албанија, Косово.

Груевски избега со лична карта и според неофицијалните информации овој документ не го искористил на македонско-албанската граница каде што поминал илегално, но личната карта најверојатно ја искористил при влезот во Црна Гора и Србија. Поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, на кои исто така им беа одземени личните карти, сепак избегаа со лажни пасоши, но и двата случаи ја покажаа нефункционалноста на институциите.

Судијката Добрила Кацарска, која му одреди две години затвор на поранешниот премиер, вели дека во случајот со Груевски таа не можела да му одреди притвор.

„Обвинителот во случајот ‘Тенк’, во кој беше осуден Груевски, не побара притвор за него. Јас не можам да одредам притвор доколку обвинителството не го побара тоа. За Ѓоко Поповски беше побаран притвор за случајот ‘Триста’ и му беше определен. Тој уште пред правосилноста на пресудата за случајот ‘Тенк’ почна со издржувањето на затворската казна на свое барање во затворот во ‘Идризово’“, вели Кацарска.

Еден од најмоќните луѓе во земјава, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков, засега останува само без пасош и има обврска да се јавува во суд. Премиерот не сакаше да ја коментира оваа одлука со образложение дека Специјалното јавно обвинителство и судовите се независни институции и не знае зошто одлучиле да има вакви мерки за него, односно да не му биде одреден притвор.

„Можеби некој е соработник на правдата, зборувам за сите обвинети, некоректно е јас да кажувам и да се мешам, ниту знам ниту сакам да знам“, вели Заев.

Поранешните функционери Груевски и Мијалков, кои сега актуелната власт ги обвинува како главни креатори на криминалот и корупцијата во Македонија, засега не завршија во затвор. Заев вели Груевски ќе биде вратен, а Мијалков засега е слободен граѓанин.

Во затвор заврши поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој ѝ стана познат во јавноста кога беа обвинети и поранешните функционери Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои се во притвор во Шутка. Таму е и најбогатиот Македонец, Орце Камчев, кој е осуден во случајот „Империја“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток