Коронавирус

Ако не седите во самоизолација, ќе завршите во државен карантин!

Владата на вчерашната седница одлучила дека оние лица кои нема да ја почитуваат самоизолацијата ќе треба да се упатат во државни карантини, како што е заводот во Демир Капија каде досега беа сместени само членовите на оргестарот кои се вратија од Австрија. Почитувањето на мерките за самоизолација ќе бидат контролирани од Армијата заедно со полицијата.

„Согласно дополнителните уредби кои ги носевме, полициско-армиски тимови ќе можат да спроведуваат и контрола на почитувањето на полицискиот час, почитувањето на самоизолацијата, а доколку самоизолацијата не се почитува, веднаш да се изрекуваат мерки и да се упатат овие лица во државен карантин односно државна изолација“, посочи министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.

Таа додаде дека Армијата ќе дејствува исклучиво со коминирани тимови со полицијата, токму поради тоа што полицијата е таа која што е вежбана и обучувана за справување со цивилни закани.

Вчера Владата упати јавен повик до хотелиерите кои имаат над 50 легла во своите објекти, да се пријават доколку сакаат да го отстапат просторот за да се пренамени и да биде државен карантин. За оваа услуга, државата ќе им плаќа.

На почеток