Актуелно

Левица: Компанијата “Џојсон Сејфти Системс” масовно брка работници од работа

Деновиве добивме дојави дека во странската инвестиција во Кичево, компанијата “Џојсон Сејфти Системс” (поранешно “Ки Сејфти Системс”) во тек е активно бркање на работници! Имено, истата компанија која 2017 година избрка десетина вработени кои синдикално се организираа, сега добивме информации дека од почетокот на кризата на околу 200 вработени не им се обновени договорите и се отпуштени. Други 200 работници се пуштени дома на платен одмор и стравуваат дека се чека да им завршат договорите за и тие да бидат избркани, се вели во соопштението од Левица.

Директорот на Државниот инспекторат на труд, Аљајдин Хавзиу неодамна изјави дека и покрај преку 500 пријави и пет надзори на трудовите инспектори никакви прекршувања не се најдени. Каде е правдата за работниците на „Џојсон Сејфти Системс?” Кого штити државата?

Работниците се уплашени за својата егзистенција затоа што уште од почетокот на кризата кружат гласини дека фабриката ќе се затвори и дека вработените ќе бидат оставени сами на себе.

Истата таа компанија која доби неброени поволности од државата кои се бројат во милиони евра за да може безобзирно да експлоатира труд на нашата територија, сега ги пакува куферите и ги остава работниците на цедило додека трае пандемија!

Ова не смее да се толерира сега кога населението е најранливо и затоа бараме од државата најостри санкции и спречување на затварањето на фабриката, ако е потребно и со присилна национализација, се вели во соопштението од Левица.

фото: Архива

 

 

На почеток