Актуелно

ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Позитивна вест

Колумна на Зоран Крстевски, доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој, за вечер.пресс.

Силата на човековиот дух се преиспитува во најтешките животни ситуации. Кога доминираат маките, тешкотиите и опасностите, клучно е да владееме со самите себеси и да нè дозволиме стравот, немирот и паниката да го опфатат нашето битие. Самосвеста, дисциплинираноста и одговорноста се исклучително значајни категории на однесување кои можат да ни помогнат да се извлечеме од кризата.

Од состојбата на нашиот ум зависи како ќе им пристапиме на заканите и дали со својата неодговорност и неразумност ќе придонесеме да се интензивираат опасностите. Подлегнувањето на стравот и убеденоста дека нема да се пронајде решение за тешкотиите уште повеќе ќе ги наталожи проблемите и ќе создаде несигурност и тензија во односите. Од друга страна, поединецот кој верува во себеси и шири позитивна енергија многу побрзо излегува од кризата и наоѓа решенија за проблемите.

Врз структурирањето на позитивниот дух на човекот влијаат многу фактори, но најкарактеристични сè: зрелоста на личноста, оптимизмот, самодовербата, рационалниот пристап, поддршката од блиските и убеденоста дека на крајот сè ќе биде добро. За да се чувствуваме позитивно со самите себеси потребно е да бидеме психофизички здрави, свесни за сопствените вредности и слабости и способни да направиме разлика помеѓу нештата што се добри или лоши за нашата личност.

Смислата, поттикот, вербата и надежта се категориите кои го будат човековиот дух, го јакнат имунитетот и даваат сила да се издржи кога е најтешко. Кога однапред се предаваме и не веруваме дека ќе успееме, тогаш и судбината се врти против нас, подготвувајќи нè за вкусување на горчливите плодови на животот.

Францускиот философ Рене Декарт има кажано: „Мислам, значи постојам“. Ако сакаме суштински да постоиме неопходно е добро да размислиме за скапоценоста на сопствениот живот, позитивно да се поврземе со другите и со заедничко организирање на силите да ја победиме опасната закана. Кога нè мислиме во насока на афирмативните можности и дозволуваме негативците да го креираат нашето живеење, тогаш последиците ќе бидат поразителни.

СЕКОЈ ГО ДАВА ТОА ШТО ГО НОСИ. НЕКОИ НОСАТ ПЕСИМИЗАМ, НЕГАТИВИЗАМ И ДЕФЕТИЗАМ. ДРУГИ ВО СЕБЕСИ НОСАТ ПОЗИТИВНА ВОЛЈА, ВЕРБА И ОПТИМИЗАМ. СИТЕ ТИЕ ЈА ДАВААТ И ПРЕНЕСУВААТ ЕНЕРГИЈАТА ШТО ЈА ПОСЕДУВААТ. ЗОШТО НАШИОТ ЖИВОТ ДА ГО ВОДИМЕ СПОРЕД НЕГАТИВНО ОПРЕДЕЛЕНИТЕ КОГА ПОСТОИ МОЖНОСТ ДА СЕ КРЕИРАМЕ СПОРЕД ПОЗИТИВЦИТЕ И ВО СЕБЕСИ ДА ГО ПРОЈАВИМЕ ДУХОТ НА ПОБЕДНИЦИТЕ? ВО СВЕТИТЕ КНИГИ Е ЗАПИШАНО: „ОДБЕРИ ГО, РАЗВИВАЈ ГО И ШИРИ ГО ПОЗИТИВНОТО, БИДЕЈЌИ САМО ТАКА ЌЕ ЖИВЕЕШ СО ДОБРОТО И БОГ ЌЕ ТИ ПОМАГА ВО БОРБАТА СО ЛОШОТО“.

Ако почнеме неселективно да се однесуваме и ментално да се храниме со сè што е присутно на социјалните мрежи и интернет портали, тогаш може да станеме лесен плен на лицата кои шират страв и предизвикуваат негативни вибрации во јавноста. Некои тоа го прават поради профит, други затоа што сакаат да бидат читани, трети бидејќи функционираат според законот на негативната енергија итн. За да го избегнеме влијанието на таквите поединци неопходно е да го проверуваме изворот на информации, да размислуваме аналитички и самосвесно да одлучуваме кој медиум ќе следиме. Добрата информираност е лек за избегнување проблеми, но само ако се темели на вистина, позитивна мотивација и професионален пристап во работењето.

Низ историјата провејувале многу ситуации кога во името на профитот и тесните интереси се протуркале многу измами кои ја дисхармонирале и загрозиле психофизичката состојба на луѓето. За некои лица не постојат категориите на одговорност, емпатија, чесност, морал, здравје и правда кога се пред искушение за стекнување разни придобивки и материјални добра. За таквите поединци парите се Бог, а егоизмот, алчноста и нечесноста прагматичен модел на однесување.

Во екот на пандемијата (и потенцијалната рецесија) како печурки после дожд ќе никнуваат штетни човечиња кои бараат шанса за стекнување материјална корист со ширење лажни вести и пласирање извртени вистини. Константното акумулирање на негативни информации може дополнително да го наруши здравјето на луѓето и да создаде неизвесност, страв и паника. Ефективноста на нашиот имунитет во голема мера зависи од состојбата на нашиот дух. Кога сме под постојан удар на стресогени фактори, тогаш неминовно го слабееме својот организам и стануваме подложни на разни болести. За да го зајакнеме имунитетот неопходно е да го зацврстиме својот дух и да се дистанцираме од лошото. Тоа подразбира позитивно да размислуваме; да веруваме дека сè ќе биде добро; да ги следиме препораките од надлежните; да се чуваме себеси и да придонесеме за подигнување на колективниот имунитет.

Кога владее општото чувство на несигурност, тогаш стравот е најсилен, бидејќи нè знаеме што може да нè снајде и на кого ќе треба да се потпреме. Како што постои колективен имунитет, исто така постои и колективна слабост. Таа е најсилна кога разумот им се подредува на емоциите натопени со страв, немир, паника и неизвесност. Кога архетипот на колективното несвесно е исполнето со песимизам, страв од загуба, лажни вести, лоши информации и подложно да верува во црни сценарија, тогаш какво решение треба да очекуваме и на каков излез може да се надеваме?

Нештата неретко најмалку се такви какви што ни изгледаат или какви што другите ни ги претставуваат. Некои лица се создадени во сè да го бараат негативното, така што секое потпаѓање под нивно влијание може сериозно да ги оптовари нашите емоции и да ни создаде непотребен страв, немир и паника.

Опасностите никогаш не треба да ги игнорираме и да манифестираме пасивност и рамнодушност во соочувањето со проблемите. Свеста за ситуацијата во која се наоѓаме е клучен фактор за пронаоѓање на патот за излез од кризата.

Но, исто така е катастрофално ако подлегнеме на лажни вести и црни сценарија и дозволиме во нашето битие да се вметнат стравот, апатијата и безнадежноста. Треба да знаеме дека некои лица заработуваат од програмирање на човековиот ум со лажни вести и негативни информации. Овие алчни и неодговорни поединци дополнително го разгоруваат внатрешното чувство на страв и несигурност кај луѓето и придонесуваат да се зголеми надворешниот ефект на паника и безнадежност.

Што треба да направиме за да ги избегнеме лажните вести кои создаваат страв и паника?

Да бидеме селективни во акумулирање на надворешни информации;да размислиме за изворот на вести и да го провериме датумот на објавата. Често се случува бајати новости или изјави да се пласираат како актуелна вест со цел придобивање повеќе кликнувања на објавата. Најважно е да станеме свесни за опасноста, но не и ментално да се парализираме и тотално да се изместиме на психофизички план. Треба да бидеме најголема поддршка на самите себе и да не потпаѓаме под влијание на црни сценарија. Постојат лоши луѓе и групации кои немаат никакви обѕири кон туѓите болки и страдања, бидејќи нивната клучна цел е да заработат, искористат и изманипулираат. Во тој контекст се и зборовите на актерот Денсел Вашингтон: „Постојано сме под удар на одредени медиуми за кои не е најбитна вистината, туку опцијата први да ја пренесат информацијата“. Заклучокот е дека треба да бидеме исклучително внимателни од какви извори се информираме и кому ќе веруваме.

Позитивната вест е импулсот што и е потребен на нашата личност. Време е самите себеси да си ја дадеме. Тоа значи – со визија, цел и смисла да гледаме на своето постоење; со верба, надеж и љубов да го креираме своето размислување; со победнички дух, оптимизам и ментална сила да се разбудиме и да почнеме вистински да го живееме секој миг што го поседуваме.

На почеток