Македонија

Пет решенија на месарници и маркети поради лоша хигиена

Државниот санитарен и здравствен инспекторат за пет дена издал над 1000 дозволи за влез на возачи на товарни возила во државата, а сите тие ги почитувале препораките за заштита од ширење на коронавирусот.

Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на инспекциски совет посочи дека Агенцијата за лекови не констатирала отстапувања во аптеките. Според неа, Агенцијата за храна и ветеринарство увидело лоша хигиенска состојба во месарници и маркети, додека пак, Државниот инспекторат за труд нема казнето ниту еден работодавач, туку има издадено укажувања.

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат во овој период изврши 74 надзори. Во овие 5 дена издал и 1019 дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила во државата. Уште еднаш напомнувам дека станува збор за дозволи кои се потребни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки. Од страна на здравствените и санитарни инспектори констатирано е дека возачите се придржуваат до препишаните препораки од коронавирусот, рече Филиповска-Грашкоска.

Од 277 надзори низ повеќе градови, и тоа во маркети, угостителски објекти, месарници, зелени пазари и производствени објекти, најчести казни од Агенцијата за храна и ветеринарство имало поради неспроведени обуки за безбедност со храна, немање на здравствен преглед на вработени во санитарна книшка и лоша хигиена во објектите.

фото: Архива

На почеток