Некатегоризирани

Мицкоски: Пријателите се познаваат во неволја, благодарам за помошта од Унгарија, ќе се спасат повеќе животи

Нашиот народ вели пријателите се познаваат по неволја, а Македонија има пријатели. Благодарност до Унгарија и до целиот унгарски народ што во вакви тешки моменти демонстрира хуманост и споделува помош која е добредојдена за оние кои што се во првите линии во борбата против оваа пандемија на корона, истакна Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно благодарност и до унгарскиот премиер Орбан и министерот за надворешни работи Петер Сијарто, што ова е прва меѓудржавна посета откако се затворија границите и настана кулминацијата на пандемијата со корона.

Во услови на затворени граници ова е официјална посета на земја члена на Европската Унија во овие кризни времиња.

Благодарност и за брзата реакција на унгарската влада. Минатата недела остваривме комуникации и соопштивме дека е потребно помош, а денес таа помош се реализира.

На средбата со унгарскиот министер за надворешни работи разговаравме за актуелните прашања поврзани со корона пандемијата, разменивме мислења и искуства во справувањето со оваа појава. Да не заборавиме да градиме мостови на пријателство во овие тешки времиња.

Можам да соопштам дека загрижувачката состојба со корона вирусот не може да не остави рамнодушни, ниту мене, а ниту пак некој друг.

Токму затоа сметам дека е потребно да се покаже хуманост и да се дејствува секој во рамките на своите можности и средства со кои располага.

Времето поминато во политиканство и ниски страсти значи пропуштено време да се дејствува и вистински да се помогне. Затоа решив да помогнеме од позиција на опозиција со сите наши сили и онолку колку дозволуваат условите. Не е важно кој побарал помош, важна е помошта. Важно е дека помошта денеска ќе спаси животи, ќе го заштити здравјето на оние кои спасуваат животи.

Истовремено ќе продолжам да лобирам, да остварувам контакти во рамките на можностите да барам помош за нашата земја.

Благодарност и до вистинските херои кои се борат на дневна основа за нашето заедничко здравје.

Сакам да соопштам дека многу брзо како партија преку нашиот технички министер ќе поднесеме и уредба до владата за парична награда за оние кои се вклучени во заштита на здравјето и борбата против короната.

Потребна е поддршка и заедничка грижа за хероите. Се надевам дека целата влада ќе ја поддржат иницијативата, ќе донесеме заедничко решение, но уште поважно така заеднички ќе испратиме благодарност до оние кои се вложуваат себеси за сите нас, истакна Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

фото: ВМРО ДПМНЕ

На почеток