Свет

Француски градоначалник морал да избега гол од дома откако бил нападнат од бесен мештанин

Француски градоначалник морал да бега за да си го спаси животот откако еден незадоволен мештанин го принудил да се соблече гол заканувајќи му се со пиштол во неговиот дом, пренесува РТ.

Бизарната конфронтација почнала како навидум обична средба помеѓу Паскал Хуброн, 53-годишниот градоначалник на Биорел, во северниот дел на Франција во Нормандија, и еден од локалните жители. Хуброн организирал работни состаноци дома затоа што Градското собрание е затворено поради пандемијата на Ковид-19. За време на состанокот, напаѓачот извадил огнено оружје – што подоцна се покажало како воздушен пиштол – и му се заканил на Хуброн.

„Го насочи пиштолот кон мене, ме спречуваше да ја напуштам куќата. Ме принуди да се соблечам и ме фотографираше“, изјави градоначалникот за радио „Франс блу“.

И покрај тоа што напаѓачот бил вооружен, градоначалникот на крај успеал да избега од својот дом.

„Истрчав гол, викајќи за помош, до соседот кој ме сокри во својата гаража,“ вели Хуброн.

Осомничениот, во меѓувреме, ѝ се предал на полицијата и бил приведен, а за случајот е отворена истрага. Хуброн за локалните медиуми изјави дека напаѓачот е незадоволен мештанин кого го познава веќе 15 години.

 

На почеток