Меѓународните воени сили предводени од НАТО во Косово, КФОР, објавија денеска дека неколкумина нивни припадници резултирале со позитивни наоди на тестирањето за новиот коронавирус и воедно ги потврдија информациите дека двајца нивни вработени, локални цивили, починале од заразата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според косовските медиуми, починатите од Ковид-19 кои работеле за КФОР се жители на Урошевац и биле вработени во кампот Бондстил, кој се наоѓа во близина на тој град.
Во свето денешно соопштение за јавноста, КФОР наведува дека е посветен на спречувањето на ширењето на епидемијата на Ковид-19, при што секој нивни припадник кој покажува знаци на заболеност или бил во контакт со некој кај кого е потврдена заразата, се става во карантин.
Доколку војници на КФОР се заразат, тие се третираат во здравствените простории на базите на КФОР и се стваат во карантин за да се намали изложеноста, пред да бидат евакуирани, се вели во соопштението потпишано од командантот на меѓународната мисија, генерал-мајорот Микеле Риси.
КФОР воедно информира дека ја продолжува редовно својата мисија со мандат од Обединетите нации, „со цел да обезбеди мирен и безбеден амбиент, како и слободно движење на припадниците на сите заедници во Косово, преземајќи ги сите потребни мерки за заштита на своите војници, партнерите и населението на Косово“.