fbpx
чет. Мај 21st, 2020

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Редно е да ставиме крај на анархијата која го уназадува животот во Македонија

Интервју со ДАНИЕЛА ГАВРИЛОСКА – ЈОВКОВСКА, Одговорен инженер за Дневно планирање (Scheduling & Accounting & MC), Служба за оперативно планирање, Оператор на Електро-преносниот Систем АД Мепсо – кандидат за листа на пратеници ИЕ 1 од „Македонски концепт“.

ДАНИЕЛА ГАВРИЛОСКА-ЈОВКОВСКА е дипломиран Машински инженер со над 20 години работно искуство, oд кои 18 години во АД МЕПСО во службата за Оперативно планирање, кадешто  е одговорна за дневно планирање на трговијата на енергија (внатрешна и надворешна), производството и потрошувачката и како и анализи, пресметки и усогласување на податоците со и од  Системските Оператори од соседните земји и Координативниот блок. Учествува во развојот и промената на алокациски процедури на интерконективните далековoди во АД МЕПСО, од самите почетоци па сè до денес. Активно учествува во креирање и пуштање во работа на системи и апликации кој се набавени и креирани за потребите на компанија за непречена работа.

Покрај редовните професионални обврски, Даниела членува и во повеќе работни Групи, како што е ENTSO-E асоцијацијата на Преносни Систем Оператори на Европа. Како член на Работните групи за Интеграции на енергетскиот Пазар и Транспарентност и  Координатори на Платформата за Транспарентност во ENTSO-E учествува во создавањето и пуштањето во употреба на Платформата за Транспарентност, а чии што фундаменти се пропишани со Европската Регулатива за транспарентност на Енергетскиот пазари за сите членки на Европската Унија, на која што се објавуваат податоците од областа на функционирање на енергетските пазари за на сите  Европски земји и земјите кој дел од ENTSO-E асоцијацијата.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Се приклучив на Македонски концепт со надеж дека ќе добијам можност да дадам свој личен професионален придонес во настојувањето да се променат денешните состојби и да се стави крај на оваа анархија која го назадува животот во Македонија. Тоа, во една држава која пледира да биде демократска може да се направи само со политички ангажман, со учество во Законодавниот дом и во извршната власт. Конечно, треба да се појават нови лица на домашната политичка сцена кои ќе работат на носење ред, поредок и систем, со целосна почит на индивидуализмот и професионалноста.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Да. Ова е прв пат да бидам дел од организација со политички ангажман. Нашиот граѓански концепт ќе ја бара својата шанса преку политичка платформа која нуди проекти и решенија создадени од граѓаните за граѓаните.

ПОЛИТИКАШто според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Воспоставување на функционален правен систем, кој ќе стави крај на криминалот и криминалните групи кои ја злоупотребија државата за лични цели. Време е, Македонија да покаже зрелост, волја и професионализам во сферата на правото и правниот систем, кадешто секој оној кој се огрешил пред законот ќе одговара за своите постапки, а професионализмот ќе го добие своето заслужено место на скалилото на вредности во ова осакатено општествено уредување.

ПОЛИТИКАКои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Тој политички фактор треба да предложи проекти и платформа на мерки кои ќе ја побудат и покренат јавната свест, кон тоа дека законите и процедурите постојат и важат за сите подеднакво, како и дека сите ние подеднакво треба да ги почитуваме. Од друга страна, приоритет се и иницијативите и проектите за поттикнување на граѓанските економски концепти кои ќе овозможат системска поддршка и реални услови за развој на малите и средните бизниси. Овие два столба се основа за сериозна промена во Македонија.

ПОЛИТИКА:Која компонента од она што го нуди Македонски концепт за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Јас сум возбудена и нетрпелива македонската јавност да види иновативни, напредни, функционални проекти, креирани и презентирани од докажани професионалци, секој во својата сфера на делување, експертиза и искуство.

ПОЛИТИКАКако вие лично ќе придонесете кон промените во сферите на екологијата и енергетиката кои ги предлага Македонски Концепт?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Подготвена сум несебично и отворено да го вложам целиот свој личен и професионален капацитет, во реализација на предлози за решенија за проблемите во сферата на енергетиката и екологијата. Моето искуство и професионални познавања верувам дека тука можат да дадат најголем придонес. Го имаме знаењето и ќе ја искористиме шансата да направиме разлика!

ПОЛИТИКАЗа што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: За примена на реални и издржани предлози и решенија во секоја сфера на општественото делување. За Нормален живот и нормална држава!

ПОЛИТИКАЗошто проекти?

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Затоа што проектот е појдовна точка кон секое решение и затоа што секој проект е подобра опција од било кое ветување или неиздржана популистичка идеја.

ПОЛИТИКАОпишете ја Македонија за 5 години од сега.

Даниела Гаврилоска -Јовковска: Земја со народ што конечно ќе сфати дека Евро-интеграциите носат позитивност во многу гранки на општеството и дека подобрата иднина е единствениот правец кон кој треба да гледаме и да се стремиме.

фото: „Македонски концепт“