fbpx
пет. Јул 30th, 2021

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Филипче: Посетата на функционери во соседни земји ќе се одвива исклучиво за координација за коронавирусот

На денешната прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче информираше дека се почнува со регионални состаноци со претставниците на владите и институциите во регионот за координиран пристап во однос на транзитот, посетите и здравствените протоколи кои ќе се имплементираат по најавите од соседните земји за отворање на границите. Координиран пристап ќе овозможи побрзо и побезбедно патување во текот на летото.

„Европската комисија вчера излезе со пакет мерки за патување во рамки на Европската Унија, кадешто се препорача ваков координиран пристап за олеснување на рестриктивните мерки. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, за координирано делување во овој дел ги започнуваме и ние овие состаноци за координација во балканскиот регион“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека денеска заминува во Грција на состанок со грчкиот министер за здравство.

На средбата, двајцата министри ќе разменат искуства за досегашното менаџирање на кризата, кои треба да помогнат во понатамошната битка на коронавирусот, припремата на здравствениот систем и за наредниот период кога се очекуваат нови пикови. Исто така, ќе се дискутира и во однос на отворање на границите и Аеродромите, имајќи предвид дека со отворањето на границите Република Северна Македонија повторно ќе го отвори и транзитниот коридор север/југ, којшто е многу оптеретен во летните месеци.

„Вчера ги регистриравме бројните реакции на јавноста во однос на оваа одлука да се дозволи посета на функционери на соседните земји. Дозволете да појаснам дека воопшто не станува збор за ништо друго освен за организирани состаноци со причина да се координираат токму овие активности во однос на олабавување на мерките, а за што треба регионален пристап. Сите тие посети се одвиваат согласно протоколот којшто за такви посети го донесе и Комисијата за заразни болести. Не станува збор да се дозволи на било кој функционер да патува, туку само за вакви состаноци заради тоа што веќе се најавени средби со ваков повод“, истакна министерот Филипче.

фото: Архива