Скопје

Побаран притвор за жител на Арачиново заради недозволено поседување оружје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 21-годишник, во својот дом во Арачиново, неовластено држел оружје и муниција – еден пиштол марка GLOK 19 со калибар 9 mm Para, со 3 рамки со 63 куршуми, како и една автоматска пушка Mpi-KM со калибар 7,62Х39 со една рамка со 29 куршуми од тој калибар. Лицето го поседувало пиштолот без дозвола, додека автоматската пушка е оружје кое со закон им е забрането на граѓаните. Оружјето и муницијата биле пронајдени при претрес во домот на осомничениот во текот на денешниот ден.

Со оглед на тоа што во предметот постојат околности кои укажуваат на тоа дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.​

фото:МВР

To Top