Македонија

Македонскиот полициски синдикат бара на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000,оо денари

Раководството на Македонскиот полициски синдикат во периодот кој што измина на повеќе наврати од министерот Чулев покрај низата барања, бараше на сите вработени во Министерството за внатрешни работи поради посебен допринес во борбата со Covid 19, да им се исплати награда во висина од најмалку една просечна плата. Министерството не го прифати нашето барање при што нелогично за нас самостојно излезе со барање до Владата на Република Северна Македонија за донесување на Уредба со законска сила според која на секој вработен во Министерството за внатрешни работи да му се исплати награда во висина од 15.000,оо денари. Денес после изјавата на Министерката за Финансии се обелодени дека МВР ги нема и тие парични средства односно нема парични средства за исплата и на 15.000,оо денари награда на секој вработен и дека со ребалансот на буџетот нема побарано финансиски средства за оваа намена, се вели во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.

За нас како единствен репрезентативен синдикат на полицијата сумата од 15.000,оо денари е потценувачка и омаловажувачка поради што од министерот бараме под итно да изнајде начин и парични средства и на сите вработени во МВР да им се исплати парична награда во висина од најмалку 25.000,оо денари.

Македонскиот полициски синдикат се надева и на јавна поддршка на ваквото наше барање од причини што сите граѓани на Република Северна Македонија  се свесни за жртвата и посветеноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи во насока на зачувување на здравјето, имотот на граѓаните и јавниот ред и мир во овој период на владеење на светска пандемија од вирусот Covid 19.

Ги охрабруваме сите вработени во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансова полиција да продолжат со посветеното и пожртвувано извршување на своите службени задачи, а на МАКЕДОНСКИОТ ПОЛИЦИСКИ СИНДИКАТ да ја остават борбата за сите нивни права од работен однос со надеж дека во најкус временски период ќе ја добиеме наградата од најмалку една просечна плата во Република Северна Македонија, се вели во соопштението од Македонскиот полициски синдикат.

фото: Архива

На почеток