Македонија

(ФОТО) Прва трансплантација на срце – историски ден за македонското здравство

На денешната прес конференција одржана по повод првата трансплантација на срце во нашата земја зборуваа Министерот за здравство Доц. д-р. Венко Филипче, Проф. д-р. Сашко Јовев од државна кардиохирургија, академик д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев клиника“, Проф. д-р Александар Николиќ од „Аџбадем Систина“ и анестезиологот д-р Маја Мојсова Мијовска од КАРИЛ, воедно и Национален координатор за трансплантација.

Министерот Филипче нагласи дека денеска, како земја, испишавме историја бидејќи за прв пат беше направена трансплантација на срце од починат дарител- чин, акт и целоцна организација, предоперативна подготовка, оперативна интервенција и постоперативен тек на којшто треба да бидеме сите многу горди.
„Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин, чин на човекољубие, на алтруизам, заради тоа што откако семејството Диневи кое пред неколку дена ја загуби својата сакана мајка и сопруга, по дијагностицирањето на мозочната смрт се согласи да ги донира срцето и бубрезите на починатата. Верувам дека со ова ќе се испрати многу силна порака до сите наши граѓани колку е битно органодарителството и како тоа во даден момент спасува живот.“- изјави Филипче и додаде дека кардиохирургијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ.
„До вчера не бевме моќни да го спасиме животот на Иван Огненовски, поради тоа што сите механизми на лекување беа исцрпени. Меѓутоа со овој чин на алтруизам на семеството Диневи- на Миле, Влатко и Викторија, ги спомнувам со нивна согласност, срцето на нивната сакана сега чука во градите на Иван и тој го почнува неговиот втор живот. Борбата е на почетокот, заврши еден од најтешките делови. Се надеваме дека , во процесот којшто следи организмот нема да го отфрли срцето, исто така и двата бубрези кај другите двајца реципиенти кои сега ќе живеат многу поквалитетен живот и нема да одат на дијализа.“- потенцираше Филипче.
Тој нагласи дека вчерашниот настан и оваа интервенција е многу битна и од друг аспект.
„За првпат се обединија капацитетите, знаењата, искуството и експертизата на тројцата наши врвни кардиохирурзи, професор Сашко Јовев од  Државната Клиника за Кардиохирургија, Академик Жан Митрев од клиниката Жан Митрев и професор Александар Николиќ од клиниката Аџибадем Сиситина коишто покажаа дека здравјето на граѓаните е на прво место и етиката и хипократовата заклетва ги надминуваат сите разлики. Овој процес на припрема за трансплантација на срце, со Националниот Координатор, Маја Мојсова, со нашиот кардио хирург од Франкфурт, д-р Петре Ристевски, го започнавме пред повеќе од година, се направија протоколите, се направи национална листа на чекање, на кандидати за срце и го чекавме само овој ден. Сакам да им честитам на сите од тимот, којшто синоќа со огромна доза на ентузијазам, пожртвуваност, висока професионалност, покажаа како се работи за да се спаси човечки живот.“- рече Филипче и им посака и понатаму успешна работа и зајакнување на процесот на трансплантација.
Проф. д-р Сашко Јовев од државна кардиохирургија изјави дека ова е круна на македонската медицина.
„Би сакал најнапред да се заблагодарам на фамилијата на донорот, која што овозможи да спасиме еден друг живот. Понатаму, посебно би сакал да се заблагодарам на Министерот и нашата Влада кои што овозможија да се изведе сето ова и да продолжам со целиот тим на Универзитетската Државна Кардиохирургија, на Координаторот за трансплантација и нејзиниот тим, како и на колегите од останатите иснституции со кои што заедно, практично го изведовме ова и покажавме дека заедно сме посилни и може да направиме многу.“- кажа д-р Јовев и извести дека пациентот засега е добар, а ова, не само што преставува, само по себе, како зафат, круна во кардиохирургијата и во медицината, туку претставува и заокружување на еден започнат процес на лекување на терминалната срцева слабост – патологија, која што е се почеста, патологија, која што во светот завзема епидемиски размери.
Јовев потсети дека лекувањето на терминалната срцева слабост е започнато со имплантацијата на уреди, таканаречени механички помагала или популарно кажано механички срца. Но, сепак трансплантацијата на срце е можеби одговор, кој што најретко ќе го добиеме, а сепак може да овозможи најпристоен и најдолг живот за оној кој што ќе го прими.
Академик д-р. Жан Митрев посочи дека ова за него е  голем настан и изрази благодарност до Министерот Филипче за обединувањето на тимот.
„Од минатата година, за прв пат во Македонија се дозволи вградување на вештачко срце и тоа беше првиот исчекор кон сето ова. Бидејќи штом се дозволат такви операции, кои се привремено решение, а трајното решение е трансплантација, сето ова беше неминовно и логично и мораше да се случи. Се покажа дека ги имаме сите капацитети и сите можности и морам јавно да се заблагодарам на Министерот Филипче кој не организира, кој не сплоти и колку и да сме различни, сепак на крајот сме исти, имаме една цел, а тоа е да ги лекуваме пациентите. Без разлика дали сме приватни, државни, ние сме во таа дејност, со таа функција и сето ова е една голема и успешна приказна.“ – изјави академик д-р. Митрев.
Проф. д-р. Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“ изрази задоволство  што е дел од еден од најзначајните чекори во медицината и историски ден за нашата земја.

„Ништо од ова не би се случило без силната заложба на Министерството за здравство и веројатно би чекале за ова многу долго. Благодарение на сето ова, влеговме во едно ново поле во медицината и се надевам дека отсега ќе имаме уште многу убави случувања и дека македонското здравство ќе оди на прав пат, напред.“ – изјави Проф. д-р Николиќ.

На прес конференцијата се обрати и анестезиологот д-р. Маја Мојсова Мијовска која е и Национален Координатор за трансплантација.

„Ова немаше да биде успешно доколку не постоеше тоа семејство, кое што навистина, со најголема емоција, ги даруваше своите органи. Не дека досега не сме работеле кадаверична трансплантација во нашата земја, но секогаш се завршувало со транслплантација на бубрези. Таа програма работи повеќе години успешно. Ова е нешто што долго време го спремаме. Не е случајно вака изведено. Сите овие тимови беа цело време контактирани, имавме многу состаноци во кои што ги синхронизиравме како листите, така и критериумите и протоколите, но сепак требаше да се појави некој, кој што ќе сака да донира.“ – изјави д-р. Мојсова Мијовска и потсети дека трансплантација на срце која за прв пат се случи во нашата земја може само да ни даде уште поголема воља и надеж дека семејствата кога ќе се соочат со загуба на својот близок, сепак ќе се одлучат да ги донираат органите.

фото: МЗ
На почеток