Свет

(ВИДЕО) Македонец, Црногорец и Србин се обиделе да го убијат лидерот на кавачкиот клан во Украина

Македонец, Црногорец и Србин се осомничените што се обиделе да го убијат наводниот лидер на кавачкиот криминален клан, Радоја Звицер, во Украина. Украинските органи ги уапсиле и ги идентификувале, а како што се наведува, еден од нив се наоѓа на меѓународна потерница поради убиство.

Како што синоќа објавија медиумите, две непознати лица пукале во Звицер, а до нападот дошло во близина на елитен станбен комплекс во украинскиот главен град Киев.

„Главните причини за обидот за атентат биле криминални активности на жртвата, можна прераспределба во криминалната организација, како и меѓу балкански криминални кланови, кои ја контролираат трговијата на дрога“, рекол шефот на Националната полиција на Украина, Игор Клименко.

https://www.facebook.com/KyivOperativ/posts/997312593998160

Тој додал дека полицијата по обидот за убиство почнала интензивна потрага за напаѓачите. Тие сакале да побегнат, но во еден момент се обиделе и да го запалат автомобилот во кој се наоѓале. Полицијата успеала да им влезе во трага преку надзорните камери.

https://www.facebook.com/KyivOperativ/videos/664641951051009/

Претходно, било утврдено дека осомничените во Украина дошле на почетокот на мај и дека долго време ја следеле жртвата. Звицер бил погоден петпати и добил повреди опасни за животот, синоќа бил опериран и се наоѓа во тешка состојба.

Радоје Звицер со години не живее во Црна Гора, а важи за прв човек на една од најсилните криминални групи во овој дел од Европа.

На почеток