Македонија

Од Бугарија набавил „Јачменова трева во прав“ и ја продавал како производ кој „не содржи глутен“

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до надлежното Основно Јавно Обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против З.Л.(38) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „измамување на купувачи“ по член 248 став 1 од Кривичниот законик и против правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Измамување на купувачи“ по член 248 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Пријавениот З.Л., во својство на сопственик и управител на правното лице, во име на правното лице од фирма од Р.Бугарија набавил повеќе суровини(меѓу кои и „Јачменова трева во прав“) во количина од 30 кг., иако знаел и бил свесен дека претходно нема извршена анализа на производот и дека не поседува документ како доказ дека производот не содржи глутен над дозволеното за да може да се декларира како производ кој што „не содржи глутен“. После тоа, производот „Јачменова трева во прав“ го препакувал во 240 пакувања од по 125 грама, кои ги декларирал со налепница на која внел невистинит податок дека производот не содржи глутен и го дистрибуирал и пуштил во продажба до повеќе правни лица за малопродажба на територијата на РСМ.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, по извршена анализа и суперанализа, било утврдено присуство на глутен над дозволеното 20мг/кг во готовиот производ и дека не може да се декларира како производ кој „не содржи глутен“, бидејќи ознаката „без глутен” може да биде присутна кај производи доколку содржината на глутен не надминува 20 mg/kg во готовиот производ.

фото: Архива

На почеток