Македонија

Инспекциските служби продолжуваат со активности на терен, се следи ситуацијата во Штип и Тетово, апел до угостителите да се почитуваат протоколите

Директорите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, Државниот инспекторат за труд, Аљајдин Хавзиу и на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за актуелни прашања поврзани со инспекциските надзори за препораките и мерките на Владата за превенција и спречување на ширење на коронавирусот КОВИД-19.

Директорката на ДЗСИ рече дека будно се следи состојбата со кластерите на заразени со КОВИД-19, коишто се појавија во штипските конфекции, но и во правни субјекти во Тетово.

„Заклучно со вчерашниот ден, во Штип издадени се 55 решенија за самоизолација на позитивни случаи. Исто така, се издадени и 169 решенија за лица коишто имале контакти со позитивно дијагностицираните. Направени се вкупно 100 тестирања, а во тек се уште 485 тестирања на вработени во веќе споменатите правни субјекти во Штип. Во Тетово имаме издадено 8 решенија за позитивно дијагностицирани, за домашно лекување и самоизолација и 54 решенија за самоизолација за лица со контакти со позитивно дијагностицирани. Заклучно со вчера во Тетово направени се вкупно 70 тестирања од предвидени 150“, рече Сотирова-Бухова.

Таа додаде дека претходно наведените бројки се однесуваат само на неколкуте правни субјекти во коишто се појави КОВИД-19 во Штип и Тетово и во нив не се вклучени бројките на заразени од кластерите коишто се појавија во семејствата или други позитивни лица. Истовремено напомена дека правните субјекти и текстилните фабрики во Штип покажаа исклучително почитување на протоколите, со што веднаш по појавување на еден позитивен вработен престанаа самоиницијативно со производството.

„Веста која во моментот кружи дека се извршуваат работни дејности, односно споменатите конфекции наводно ја продолжиле работата, најостро ја демантирам. Во овој момент, таму се присутни инспектори од ДСЗИ и од ДИТ, кои потврдуваат дека во просториите на конфекциите се врши тестирање, односно се земаат брисеви од вработените и присуството на вработените е само поради таа активност“, потенцираше директорката на ДСЗИ Ирина Сотирова-Бухова.

Таа го повика Министерството за внатрешни работи, кое по Закон е задолжено, да врши контроли на лица кои имаат издадено решенија за изолација или самоизолација, бидејќи прекршувањето на изолацијата е казниво по Закон. Информацијата за издадените решенија на дневна основа од ДСЗИ се препраќаат до МВР.

Директорот на Трудовиот инспекторат информираше дека од 11 до 28 мај година има вкупно регистрирано 2.300 пријави од граѓани, од кои 847 пријави се однесуваат на  непочитување на мерките против вирусот, а останатите 1.448 се за информации.

„Сакам да напоменам дека не ги броиме и јавувањата по телефон, давање на информации од вработени и од правни субјекти кои вршат дејност во Република Северна Македонија. Во овој дел само мал број од пријавите се во однос на работните услови, повеќето се во однос на почитувањето на Законот за работни односи. Сакам да се надоврзам со Штип. ДИТ во овие конфекции коишто се посочени, но и во останатите конфекции, цело време е присутна, сугерирано е да се придржуваат кон мерките и протоколите на Владата и самите работодавачи успешно тоа го спроведувале. По тој основ ние немаме претставки. Затоа апелирам уште еднаш да се продолжи со мерките на Владата, бидејќи давале ефект и дека и во иднина ние ќе бидеме присутни, но внатре во објектите, да контролираме дали се поставени средства за дезинфекција, дали се спроведува протоколот, дали има дистанца од 2 м помеѓу вработените, а самите работодавачи го организираат работниот процес. Дел од работодавачите бараа и да работат во смени и тоа беше дозволено, само да нема прегрупирање на вработените внатре во просторот“, објасни директорот на Трудовиот инспекторат, Аљајдин Хавзиу.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски информираше дека од почетокот на олеснувањето на мерките за угостителите, во изминатите пет дена, вклучувајќи го и викендот што помина, инспекторите од ДПИ беа засилено на терен и притоа уште во првиот ден, на 28-ми мај се изречени 856 опомени во врска со непочитување на протоколите. Поради големиот број на непочитувања на протоколите, донесена е одлука уште од вториот ден, наместо само со опомена, да се санкционира непочитувањето на протоколите со подрастични мерки.

„Доставени се и поднесени вкупно 21 кривични пријави, а уште 5 се во тек, поради непочитување на  донесените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти. Значи за време на викендот и вчера, поднесени се вкупно 26 кривични пријави. Во истиот период, имаше и такви кои се нерегистрирани, при што затекнати се 41 нерегистриран угостителски објект за коишто се изречени прекршочни пријави и издадени платни налози“, посочи Пауновски.

Директорот на пазарната инспекција апелираше до угостителите стриктно да ги почитуваат донесените протоколи.

„Сите протоколи коишто ги носи Комисијата за заразни болести и Владата на нашата држава, верувајте, се пред се за заштита на оние кои што го организираат самото угостителство, за заштита на оние коишто ги посетуваат угостителските објекти и сите пропишани протоколи не се баук, за да истите не може да се применат. Се работи за здравјето на сите нас“, потенцираше директорот на ДПИ, Стојко Пауновски.

фото: Влада
На почеток