Македонија

(ВИДЕО) Дополнителната заменик министерка Петровска во посета на Граничниот премин Богородица

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Славјанка Петровска, заедно со државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска го посетија граничниот премин “Богородица“ каде што имаа работна средба со раководството на Регионалниот центар за гранични работи “Југ“ и на Полициската станица за Граничен надзор и гранични работи “Богородица“, а на која што се разговараше околу актуелните состојби на овој дел од границата на нашата држава, како во контекст на илегалната миграција и криумчарење мигранти, така и од аспект на превенцијата од епидемијата од “ковид 19“.

Притоа дополнитлниот заменик на министер Петровска упати признание и благодарност до полициските службеници од оваа организациона единица за постигнатите извонредни резултати во спречувањето на илегалната миграција и во откривањето на кривичните дела – криумчарење мигранти, истовремено апострофирајќи дека полициските службеници сето тоа го реализираат во услови на дополнителни безбедносно-здравствени протоколи и мерки.

Меѓу другото, на средбата беа презентирани податоци дека заради затворањето на границите по стапувањето на сила на владините мерки и одлуки за спречување и превенција од епидемијата на “ковид 19“, евидентен беше падот на бројката на илегални мигранти што се обидуваа да влезат во нашата земја. Така за месеците март, април и мај годинава откриени и фатени беа 3047 мигранти што е двојно помалку од истиот период лани. За периодот пак од почетокот на овој месец заклучно со 09.06. откриени и фатени се 878 илегални мигранти што е пак двојно повеќе од истиот период лани, при што од оваа бројка – 680 илегални мигранти се откриени и фатени од страна на полициските службеници од ПС за ГН “Богородица“. Во поглед пак на кривичните дела, како што потенцираше и Петровска во својата изјава за медиумите по работната средба, се бележат извонредни резултати посочувајќи го последниот од случаите на спречување на криумчарење мигранти – вчера, кога беше откриен и спречен организиран транзит на 142 илегални мигранти во товарно возило со бугарски регистарски таблички. Според податоците на РЦ за ГР “Југ“ во текот на првите десет дена од месецов веќе се реализирани четири кривични дела за криумчарење мигранти, во кој што се откриени 186 илегални мигранти. Инаку на средбата беше разговарано и околу спроведувањето на превентивните здравствено-безбедносни мерки како за заштита на нашите граѓани, така и на илегалните мигранти но и на полициските службеници кои што се изложени на реални предизвици при нивното секојдневно работење. Притоа беше посочено дека се направени тестирања, односно скрининг на 230 полициски службеници. Особено што во рамки на странскиот полициски контингент кој што брои 69 полицајци, тие во моментов работат заедно со нашите полицајци на обезбедување на јужната граница, беше откриен еден ковид-позитивен полициски службеник од Полска (а 20 негови полски колеги веќе се во самоизолација). Според резултатите од тестирањата осумина полициски службеници биле ковид-позитивни, со тоа што еден е веќе излечен и вратен на работа.

фото: МВР

На почеток