Македонија

Спасовски смета дека граѓаните нема да се заразат при гласање, поголем ризик е тоа да го направат на пазар

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, на првиот ден од отпочнувањето на изборната кампања, ги повика граѓаните да излезат и да гласаат на 15 јули, без да се плашат дека ќе се заразат со коронавирусот. Според него, а повикувајќи се на епидемиолозите, доколку гласачите ги почитуваат мерките за заштита, носат маски и држат дистанца, нема да имаат ризик да се заразат од вирусот. Спасовски посочи дека непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот за време на кампањата ќе биде казнето прво од граѓаните, додека пак, злоупотребата на државен ресурс за партиски цели, ќе биде најстрого казнето.

„Од денеска започнува изборната кампања за изборите кои ќе се одржат на 15 јули. Овие избори ќе бидат запаметени затоа што ќе се одржат во услови на пандемија каква во светот не се памети во поновата историја. Да си посакаме овие избори да ги паметиме и поради успешно спроведување во вакви услови. Да запишеме дека се спроведени во фер и демократска атмосфера. Нашата држава се наоѓа во значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции во државната власт. Изборите се решение за да излеземе успешно од оваа здравствена, социјална и економска криза. Потребно ни е ново активно Собрание и целосна, функционална и политичка влада за менаџирање на економската и здравствената криза. Институциите покажаа капацитет за справување со коронавирусот, но следната фаза мора да биде спроведување на изборен процес со максимална заштита на сите во него“, рече Спасовски.

Тој очекува професионална соработка меѓу Владата, Државната изборна комисија, набљудувачите, Државната комисија за спречување корупција, Собранието.

„Во тек се сите активности за да се обезбедат услови согласно протоколите за безбедна кампања за потребните неопходни услови за работа на ДИК, на сите избирачки одбори, на целиот систем за мониторинг на изборниот процес. Правото на граѓаните да го искористат својот глас нема да го загрози нивното здравје. Се повикувам на епидемиолозите кои потенцираат дека процесот на гласање не ги изложува гласачите на ризик доколку ги почитуваат мерките. На гласачките места се задржуваме од 3-5 минути, што е помалку од нашето одење во маркет или пазар. Значајно е дека треба да ги носиме маските и да одржуваме дистанца. Да си го оствариме граѓанското право, но и обврската да создадеме функционални институции, затоа што во Северна Македонија, граѓаните одлучуваат каков ќе биде системот. За прв пат организираме избори како земја членка на НАТО и како земја која е кандидат која што е во последната фаза за членство во ЕУ за која се подготвува преговарачка рамка. Тоа е уште една мотивација за посебен ангажман за спроведување на изборите по сите европски стандарди“, додаде Спасовски.

фото: Архива

На почеток